Клиентелистичкиот карактер на гласачите главна причина за поразот на ВМРО-ДПМНЕ?!

од desk4

Зошто ВМРО-ДПМНЕ доживеа тежок пораз на овие шестите по ред локални избори? Како партијата ги загуби дури и оние општини кои важеа за традиционални бастиони? Пресликувањето на ситуацијата од изборите во 2008, кога СДСМ беа катастрофалниот губитник, за аналитичарите не е изненадување и е резултат најмногу на клиентелистичкиот карактер на гласачите, информира Телма.

Влијание, анализира Трошановски, има и големиот број на неважечки ливчиња, кои се околу 45.000 на овие избори, а кои најчесто се револт од политичката понуда кон гласачите. Помалата излезност, пак, вели, се должи на трауматичниот политички период што им претходеше на изборите, а од кој граѓаните се изморија, исцрпија, разочараа и тешко се мобилизираат да гласаат.

Настаните од 27 април, после кои дел од учесниците завршија и во затвор и искажуваа отворен револт кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ кое не застана во нивна одбрана, смета дека немаат многу влијание врз резултатот, затоа што тоа тврдокорно партиско членство е во многу мал број и нивните гласови не се пресудни.

Сугерира дека партијата може да најде излез од ситуацијата само ако сериозно се реформира.

Реформи уште синоќа побараа и од таканаречената иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, кои порачаа дека „времето на Груевизмот во Македонија заврши“.

Груевски летово направи проветрување во Извршниот комитет на партијата со нови 19 членови, но самиот остана на кормилото и покрај сите предупредувања дека бродот може да потоне. Синоќа, пак, изјави дека како претседател на партијата, ја има највисоката одговорност за изборните резултати, но не спомна оставка.

По изборниот пораз се очекува иницијативата да иницира засилено темпо за реформи во партијата. Најавија дека од денеска ќе бидат во посета на Брисел, каде ќе се сретнат со високи претставници од ЕУ. Смена на лидерството во партијата бараат и се поголем број на членови на ВМРО-ДПМНЕ, но понатамошните потези најмногу зависат од лидерот, кој најверојатно ќе ги чека конечните резултати после вториот изборен круг, за да иницира што и да е во тој правец.

Слични содржини