Aко во текот на неделава партиите не постигнат договор за минималниот пакет услови за фер-избори, пропаѓа можноста тие да се одржат до крајот на ноември или почетокот на декември.
Од денеска тече клучната преговарачка недела, во која партиите треба да постигнат согласност и за последното отворено прашање од минималниот пакет услови за спроведување фер-избори. Доколку не постигнат договор, пропаѓа можноста изборите да се одржат до крајот на ноември или во почетокот на декември.

0,,18551004_404,00

На преговарачката маса се неколку изборни датуми: 20 ноември, 4 и 11 декември. Ниту еден од нив не е извесен, ако партиите не постигнат согласност за овластувањата што министерот за внатрешни работи треба да ги има во техничката влада.

Од владејачката ВМРО- ДПМНЕ и натаму инсистираат на ограничен број кадровски промени, со цел да се спречи партиска чистка во МВР, а од опозициската СДСМ сметаат дека министерот мора да ги има сите овластувања што му припаѓаат. Тие се против разговорите да се сведат на ценкање дали преодниот министер може да смени раководители на три, пет или десет позиции, но и за други ограничувања – во кои сектори може да се прават кадровски смени а во кои не.

Последната рунда разговори во минатиот петок наводно била отежната и заради идејата на власта, министрите што ќе бидат избрани за спроведување на изборите да си дадат оставки еден ден по завршувањето на изборниот процес, бидејќи таа влада има мандат само да спроведе избори, а не и да владее. Опозицијата стравува дека тоа би можело да биде искористено за манипулации со изборните резултати. Притоа, сметаат дека ваквите предлози кои власта ги става на маса, како и барањата за дополнителни консултации се „веќе видени“ постапки од претходниот период, а имаат за цел купување време и минирање на можноста за навремено постигнување договор.

 

Услови, па датум

Во случајов, времето е клучен фактор. За да може изборите да се одржат наесен, партиите до крајот на неделава треба да постигнат конечен договор. Со тоа на Државната изборна комисија би и дале време да спроведе активна регистрација на спорните 39.500 гласачи, откако ќе бидат ставени на јавен увид.

Партиите веќе се согласиле за ваквата постапка, како и да се стават во посебен дел од Избирачкиот список 171.500 гласачи кои живееат во странство. Договор бил постигнат и за формирање ад-хок тело што 100 дена пред изборите ќе ги мониторира медиумите, а по чии наоди ќе постапува Агенцијата за аудио и и аудиовизуелни медиумски услуги. Во ова петчлено тело двајца членови експерти треба да бидат предложени од опозицијата, двајца од власта, а за петтиот заеднички да се договорат. Било договорено 100 дена пред изборите главен уредник на информативната програма во јавниот сервис МРТВ да биде назначен на предлог на најголемата опозициска партија.

За разлика од претходните две пржински епизоди , кога беше одреден датум за избори (24-ти април и 5-ти јуни), но претходно не беа обезбедени условите за фер-изборен процес, овој пат партиите се внимателни и едногласни: датумот на избори треба да се утврди откако сите заедно ќе проценат дека се исполнети условите за веродостојни избори!

Според тоа, лидерска средба може да се очекува откако ќе бидат затворени прашања, како и постапката во ДИК, која би траела околу 30 дена. Доколку се тече во предвидените рокови, Собранието до крајот на август да ја избере преодната влада што ќе ги спроведе изборите на договорениот датум.

Оптимисти и песимисти

Од преговарачките тимови даваат различни проценки дали преговорите неделава ќе донесат резултати. Дел се умерени оптимисти, дел тешки песимисти. Но, и оптимистите чувството не го градат врз основа на „конструктивноста“ во Работната група, колку на очекуваната помош од посредниците и гарантите на Договорот.

Пред една недела помошничката државен секретар на САД Викторија Нуланд од Скопје замина охрабрена дека договор ќе има многу брзо. Германскиот специјален пратеник за Македонија, Јоханес Хајнл, два дена пред тоа порача дека договор за надминување на политичката криза мора да има што поскоро, пред почетокот на летните одмори. Во петокот портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич го поздрави напредокот на преговорите, но ги повика партиите итно да најдат одговор и за последното отворено прашање. Деновите поминуваат, сите повикуваат на решение, а преговарачите се уште не се блиску до него. Се шпекулира дека ако партиите не се договорат, би можело да биде понудено предлог-решение од амбасадорите на САД и ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав.

извор: Дојче веле

Слични содржини