Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, денеска ја потврди оценката што во име на Европската унија и на Соединетите американски држави синоќа ја соопшти амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, дека се уште не се исполнети условите за одржување на предвремените парламентарни избори во Република Македонија на 24 април. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, иако датумот на изборите е „бетониран“ со договорот од Пржино, сепак, според портпаролката на Еврокомисијата, утврдено е дека се уште не се исполнети сите услови и таа во име на ЕУ ги повика политичките партии во Македонија „да останат посветени за одржување кредибилни избори што е можно побрзо“.

kocijancic
– Имаше развој на настани за време на викендот во БЈР Македонија. Свесни сте дека меѓународната заедница рече пред некое време дека ние ќе оцениме како се одвиваат подготовките за предвремените избори. Овие избори се предвидени со договорот од Пржино како клучен чекор во реформскиот процес што ќе ја врати довербата на граѓаните во изборниот процес, во фер натпревар на идеи и политички перспективи и да се придвижи земјата над политичката криза, потенцираше Маја Коцијанчич на прес-конференција во зградата на Еврокомисијата во Брисел.

Гласноговорничката на ЕК потврди дека е постигнат прогрес во исполнување на голем дел од обврските од договорот од Пржино, но, сепак, потенцираше дека тоа не е доволно за Брисел да обзнани дека се исполнети условите за одржување на, како што таа ги нарече „кредибилни избори“.

– Оценката покажа дека во оваа фаза, потребните услови за организирање на кредибилни избори на 24 април во моментов не се обезбедени, иако е постигнат прогрес. Во овој контекст, ние веруваме дека сериозни напори на сите засегнати страни се потребни за да се обезбеди дека ќе бидат обезбедени погодни услови за кредибилен изборен процес, каде сите граѓани и партии слободно ќе партиципираат. Ние ги повикуваме политичките лидери да останат посветени и политичките партии се очекува да работат кон потребните чекори што се потребни за одржување на кредибилни избори што е можно побрзо, посочи портпаролката Коцијанчич.

На крајот од своето излагање, таа посочи дека „има повеќе детали за целата ситуација во писмото објавено вчера, а кое е потпишано од амбасадорите на ЕУ и САД во Скопје“

Слични содржини