Кои се Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи, кои со својот настап предизвикаа лавина на реакции кога и го претставија на јавноста првиот предмет на специјалното обвинителство против високи функционери од владејачката партија, со кодно име „Титаник“, пишува Призма.

lence-ristoska-fatime-fetai-670x340

Ристоска и Фетаи, освен самодоверба, елоквентност и работата на едни од најтешките предмети во македонскиот правен систем, ги поврзуваат и други работи – двете обвинителки се од западниот дел од Македонија, имаат по 32 години и важат за едни од поамбициозните кадри во скопското обвинителство, каде што претходно работеле.

Во разговор со дел од судската фела за Призма, било откриено дека Фатиме Фетаи, за да почне да работи во Специјалното јавно обвинителство, го прекинала породилното отсуство после 3 месеци.

„Морам да го работам ова, пред мене е кариера, имам свекрва што може да ми го причува детето“, биле зборовите на Фетаи кога одлучила да го прифати новиот предизвик.

Сличен став имала и кога работела во скопското јавно обвинителство – дел од судиите дури ја прашувале дали некој ѝ ги има пишувано обвиненијата, бидејќи секогаш доаѓала на судења подготвена во целост и жестоко ги бранела ставовите на обвинителството.

Таа е родена во село Неготино, Гостивар. Завршува Правен факултет во Скопје, каде магистрира, а во гостиварскиот суд работи до 2011 година, кога се префрла во скопското јавно обвинителство. Таму работи до крајот на 2015 година, кога се префрла во Специјалното јавно обвинителство.

Обвинителката Ленче Ристоска, која воедно е и портпарол на Специјалното јавно обвинителство и има 32 години, е кадар на Академијата за судии и јавни обвинители и важи за обвинителка која отсекогаш имала големи амбиции за својата кариера. По потекло е од Тетово, а нејзината фамилија има историја во правосудниот систем, бидејќи и нејзиниот татко бил судија, кој сега е во пензија.

Со името на Ристоска се врзува еден од двата судски предмети кои се водат против Мирослав Шиповиќ, претседавач со Советот на Општина Центар, а пред да премине во Специјалното јавно обвинителство, го водеше предметот за членовите на Управниот и Надзорниот одбор на „Макпетрол“.

Повеќе од текстот на Призма.

Слични содржини