Кој беше Марко Зврлевски?

од Vladimir Zorba

Актуелната власт го сметаше за бранител на криминалот на претходната, тие пак велеа дека е квалитетен и дека единствената причина за негова смена е аферата „Поткуп“ на Заев.

Овие дилеми одат во историјата, а во историјата на обвинителството со 64 пратенички гласови заминува и Марко Зврлевски. Кога пред 4 години беше избран за обвинител доби срдечен пречек од претходникот.

До избор на нов државен обвинител, Советот на јавни обвинители треба да назначи вршител на должност, а дотогаш привремен раководител би требало да биде првиот заменик на Зврлевски, Џелал Бајрами, кој по политичката кариера, една министерска и две заменик-министерски позиции беше избран во државно обвинителство.

Зврлевски беше прв државен обвинител во новата барок зграда на обвинителството, а канцелариите му беа во кружниот највисок дел.

Новото обвинителство е дел од проектот Скопје 2014-та, но иако имаше многу извештаи, сомнежи, пријави за потенцијален криминал, никогаш не беше отворена истрага за да се провери дали е крадено.

Во официјалната биографија стои дека кариерата ја почнал на проект во МАНУ, дека бил новинар, но и дека пред Советот на Европа е контакт лице на Македонија за борба против организиран криминал.

Најмногу време во обвинителството и на обуките минал токму за спречување на организиран криминал, а соработувал и со американските обвинители на случајот со митото во Телеком.

Нелегалното прислушување ја одбележа и неговата кариера. Беше обвинител во случајот во 2001-ва „Големото уво“, кога тогашниот лидер на СДСМ ја објави првата афера за нелегално прислушување. Зврлевски од Црвенковски барал да му каже кој му ги дал материјалите. 14 години подоцна се случија бомбите.

Обвинителството не реагираше, дури откако во Пржино политичарите се договорија за ново специјално обвинителство, во државното се отпочнаа неколку постапки. Не завршија со обвиненија за разлика од случајот „Пуч“, за кој и сегашниот премиер Заев беше обвинет. Зврлевски стана главен противник на СЈО, за кое сметаше дека е противуставно. Со промената на власта за него стаса барање да си поднесе оставка, но тој одби. Тогаш новата влада побара разрешување за незаконско постапување и на 12-ти јули Собранието почна со расправа. 36 дена подоцна, Зврлевски е поранешен јавен обвинител./извор Телма

Слични содржини