„Комерсант“: Патрушев спречи скандал во руско-српските односи

од Vladimir Zorba

 

Секретарот на рускиот Совет за национална безбедност, Николај Патрушев успеал да спречи поголем скандал во односите меѓу Русија и Србија, пишува московскиот весник „Комерсант“.5135662

Патрушев престојуваше во Белград само еден ден откако српскиот премиер Александар Вучиќ обелодени дека постоел план за насилно заземање на црногорските државни институции со „помош на странски фактор“.

Ваквото објаснување на Вучиќ за случувањата во Подгорица, по апсењето на пет лица осомничени за планирање насилни акции против властите во Црна Гора, е означено како потврда на тврдењата што претходно ги изнесоа црногорските власти.

Весникот открива дека Патрушев бил примен на највиско ниво, но неговиот престој во Белград се одвивал „строго зад затворени врати“.

По средбата со премиерот Вучиќ, било издадено кусо соопштение за тоа дека двете страни заклучиле, оти службите за безбедност на Русија и Србија успешно соработуваат.

Московскиот весник пишува дека Патрушев успеал во својата мисија да спречи „скандал без преседан“ во руско-српските односи во постсоветско време, додека официјален Белград не сакал воопшто еден ваков скандал да избие во јавноста.

За српската страна, сепак, било најважно да се покаже дека Србија нема никаква врска со криминалната акција во соседна Црна Гора.

Србија депортира руски државјани, кои ги уапси поради учество во терористички акции во Црна Гора

Според „Комерсант“, на Белград му било понудено потпишување меморандум за разбирање меѓу Русија и Србија во сферата на безбедноста, но дека до тоа сепак не дошло.

Престојот на Николај Патрушев во Белград се поклопува со вестите во дел од српските медиуми дека тројца руски државјани се протерани од Србија, поради поврзаност со апсењата во Подгорица.

Овие вести никој не ги потврди, но не се од никого ниту демантирани.

Руската амбасада во Белград издаде само кусо соопштение дека таа не знае за протерувањето.

Некои белградски весници пак сметаат дека Патрушев бил во српскиот главен град за да ги земе со себе руските разузнавачи, вмешани во црногорските случувања.

Слични содржини