Државниот санитарен и здравствен инспекторат да ги задолжи општините да спроведат дератизација на канализациските мрежи во градовите со посебен фокус на Гостивар, Тетово, Берово, Велес, Свети Николе, Струмица, а Агенцијата за храна и ветеринарство да ги задолжи производителите да ја соберат жетвата од полињата, имајќи предвид дека од неа се хранат глодарите, и веднаш да изврши хлорирање на сите приватни/селски водоводи со посебен акцент на засегнатите подрачја – општина Лозово, Арачиново и Грушино.

Ова се дел од заклучоците во врска со преземање противепидемиски мерки кои попладнево ги донесе Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство на состанок на кој ја разгледа актуелната епидемиолошка состојба со појавата на заболувањето туларемија во државата. Десет лица од неколку региони во Македонија се заразени со туларемија.

Со мерките се предвидува Агенција за храна и ветеринарство да врши редовно земање и контролирање на примероци на вода од приватните водоводи, да земе материјал за испитување на присуство на туларемија кај домашните животни во засегнатите подрачја и да ги достави резултатите до центрите за јавно здравје и Институтот за јавно здравје на Република Македонија, центрите за јавно здравје во соработка со општините да извршат итна дератизација и дезинфекција во засегнатите подрачја, во семејни куќи, дворови и околината.

Покрај тоа, мерките опфаќаат континуирано вршење и контрола на хлорирање на водата со ниво на резидуален хлор од 0,2-0,5 мг/л, односно континуиран надзор над исправноста на водата за пиење, Институтот за јавно здравје да изготви едукативен материјал за матични лекари/здравствени работници и протокол за постапување со сомнителен пациент, како и едукативен материјал за населението и да се обезбедат и континуирано да се одржуваат зоните на санитарно хигиенска заштита околу изворните подрачја со цел да се спречи загадување преку диви животни.

Заклучоците на Комисијата содржат мерки кои се однесуваат на тоа Државниот санитарен и здравствен инспекторат во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство да издаде решение за итно воспоставување на пропишаните заштитни зони околу каптажите и резервоарите на водоснабдителните објекти.

Исто така, Комисијата заклучи да се дадат препораки за превенција за населението во засегнатите подрачја: водата од селските чешми да не се пие или да се преврива пред употреба, се до добивање на резултатите од испитувањето на водата, одржување на личната и општата хигиена, како и примена на заштитни мерки при контакт со домашни животни.

Состанокот на Комисијата за заразни болести го водеше министерот за здравство, Никола Тодоров, а беа присутни претставници од сите надлежни институции, меѓу кои Институтот за јавно здравје на Република македонија, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Центар за јавно здравје – Скопје, Центар за јавно здравје – Велес итн.

Слични содржини