Комитетот за заштита на правата реагира на ненајавената аболиција која за прв резултат има уште подлабока поделба и конфронтација во македонското општество. Комитетот се сомнева во кадарноста и спремноста на „политичките елити“ да ја решат кризата. Да сакаа тоа веќе ќе го стореа. Македонското проклетство се повторува и продлабочува.


Ако намерата на аболицијата е помирување и надминување на кризата, тогаш таа ќе беше прифатена од политичките субјекти во земјата и од меѓународната заедница. Аболицијата е возможна ако се потпира на најшироко подготвена и прифатена национална платформа која за цел ќе има здружено и решително надминување на кризата. Доколку овој политички чин навистина има искрена намера да создаде услови за враќање на довербата и да започне процес на нормализација на земјата сигурно ќе ги опфатеше и политички монтираните и други случаи кои зацрнија стотици семејства. Согласно спроведената аболиција, во Македонија има надредени „политички“ граѓани од прва категорија, а сите останати се подредени, од пониска вредност, и немаат никаков статус на еднаквост, кој Уставот на РМ им го гарантира.

Оваа опасна дискриминација ја доведува во прашање елементарната смисла на заедничкото живеење!

Комитетот остро реагира на мешањето на било кој фактор врз работата на Специјалното јавно обвинителство, а особено на претседателот на државата. Непреченото работење на Специјалното јавно обвинителство кое за Комитетот, за бројни политички субјекти и за меѓународната заедница игра важна инстититуционално-стабилизирачка улога во општеството. Такви јасни соопштенија и пораки стигнаа од Вашингтон, Берлин и Брисел. Комитетот остро ги осудува сите сценарија и подземни фактори кои ќе се обидат да ја попречат или сопрат работата на Специјалното јавно обвинителство. На ваквите сценарија од сите страни се најавува и очекува решителен одговор на народот, а Комитетот ќе даде свој целосен придонес.
Комитетот за заштита на правата ја повикува меѓународната заедница активно и непосредно да се вклучи во заштитата на владеењето на правото и заштатата на уставно загарантираните слободи и права на граѓаните кои се тешко повредени од режимот. Доколку не се стабилизира тешката криза и политичко-полицискиот прогон и судења не престанат, на големо мнозинство граѓаните на Македонија ништо друго нема да им преостане освен масовно да бараат политички азил во ЕУ и другите нормални држави. Сцените со мигрантите ќе станат македонска судбина. И тоа нема да биде првпат.

Слични содржини