Конференција за иднината на комерцијалните ТВ-канали на национално ниво

од desk2

Претставници на медиумската индустрија, граѓанското општество и институциите заеднички дискутираа за проблемите и за перспективите на комерцијалните ТВ-канали на национално ниво, на денешната конференција „Иднината на комерцијалните терестријални ТВ-канали на национално ниво: Која е формулата за успех?“, во организација на Македонскиот институт за медиуми.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, на отворањето рече дека медиумскиот бизнис има две цели, да обезбеди профит и да обезбеди слобода на изразување и информации, додека државата преку своите независни и професионални регулатори на транспарентен процес ги следи нивните операции.

– Тие следат како слободата и преносот на информации, медиумскиот плурализам и разновидноста се гарантираат преку едно конкурентно опкружување. Ова е релативно мал медиумски пазар и медиумските бизниси и регулатори имаат конкретен предизвик, бидејќи често нудат можност за влијание. Важно е сопственоста и финансирањето на медиумите да биде транспарентно, а регулаторот да ја задржи својата непристрасност и независност, рече Жбогар.

Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, рече дека состојбата со слободата и начинот на функционирање на медиумите во Македонија е констатирана од многу меѓународни и домашни извештаи и се наоѓа на дното.

– Потребни се темелни реформи во оваа област. Потребна е регулација, односно реформи, кои ќе значат вистинско регулирање на медиумската сфера. Законска регулатива што ќе овозможи професионализирање и независност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, рече Поповски.

Најави дека Владата во брзо време ќе го пушти во процедура Законот за измени и дополнувања во медиумската сфера, што веќе еднаш го има предложено и дадено на разгледување на јавноста.

– Ако ги поставиме вака основите на функционирање амбиентот многу ќе се промени. Агенцијата за медиуми кога ќе си ја врши својата улога и јавниот сервис ќе биде поставен на вистинска основа, тогаш пазарот ќе функционира. Една од клучните мерки е МРТ да не биде дел од комерцијалниот пазар и биде финансирана од буџетот, рече Поповски.

Нагласи дека Владата повеќе нема да троши буџетски пари за реклами, бидејќи се што ќе има потреба да го презентира како информација од јавен карактер ќе го прави на јавниот сервис, без комеријална трансакција.

Конференцијата е дел од проектот “#РеФорМедиаМКД – Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера”, кој што е финансиран од Европската Унија.

На конференцијата учествуваа и претставници на една од најголемите ТВ-куќи во Хрватска, РТЛ ТВ, како и медиумски експерти од Словенија и од Хрватска.

Слични содржини