Конг во тело на Смигол

од Vladimir Zorba

Локалните избори ќе бидат историски драматичен тест за сите албански политички партии и нивната пракса на молзење од иста крава

Составување на политичка анализа за состојбите во албанскиот „политички“ кампус во овој момент е можеби најнеблагодарниот од сите предизвици за кој било набљудувач. Констатацијата не се должи до толку на недостатокот од настани, колку што е сумиран заклучок за неполитичката динамика која се одвива како во самите партии, така и во нивните меѓусебни односи и поставеноста кон севкупната законодавно-извршна сцена. Албанските партии денес и овде се фактори на беспоштедна какофонија, вревливост, баналност, сеопшта пизма и егоманија, сите собрани во функција на прикривање на споделената импотентност.

Но иако рудиментарната поставеност и однос кон политиката е најлесно забележлива и податна за констатација кај албанските политички партии, таа е сепак составен дел од регионална култура на политичарење базирано врз презумцијата за интересот на доминантното гласачко тело, наместо на согледување на вистинските интереси на гласачот, што неминовно води кон репетитивна рашомонијада на вртење во круг со нови знамиња, сурати и кратенки, но и кон неминовниот нус-ефект на цементирање на погубното преценување на сопствените капацитети за реализирање на самозададените задачи. Со тој однос, албанските партии се само парче од регионалниот мозаик на политичко претставништво, низ партии кои во себе култивираат дух на Кинг Конг во тело на Смигол.

Ампутираност од реалноста

Пред години, во час на песимистичко настроение, запишав едно речиси суеверно предвидување дека сѐ додека во нашето заедничко име стои префиксот југословенски, сѐ дотогаш ќе трпиме и тапкаме во место под товарот на таканаречениот феномен на ампутирана „фантомска нога”. Токму тој префикс на „југословенство“ во нашето име и споредбени квалификации за успеси и порази чинам дека нѐ прави есенцијално статични во поведение и промислување и со перпетуален страв од летање во непознато. И неспособни да се соочиме со сопствената заробеност во промислување и делување како да сме сѐ уште дел од голема дваесет и кусур милионска земја. Одбивајќи да се соочиме со фактот дека сме мали, закржлавени лилипутанци во борба за опстанок, но со утешителен мерак за самоубедување дека имаме шампионски нозе за брзинско-далечинско трчање. При што, секое предупредување дека привидот во умот е недоволена замена за веќе исечената нога, наидува на будалесто дрчење, хистерично плачење или кататонски депресии.

Колку и да наликува на апсурд според етно-политичкиот стандард, тој феномен на „ампутираност од реалноста“ е денес и овде најприсутен токму кај албанските политички партии – делумно поради објективни, делумно поради субјективни причини. Објективниот аспект се однесува на фактот што самата држава и меѓународната заедница односот кон Албанците во Македонија ја базираат врз темплејтот воспоставен на база на искуствата од поставеноста кон Албанците во поранешната Федерација. И нејзините третмани базирани ту на полициски ќотек, ту на системска манипулација во прилог на интересот на доминантниот етникум, маскиран во фалш соцреалистички, соживотен или граѓански концепт на асимилација на еден вибрантен дух во зарѓани конзерви. Како што може да се утврди низ бегло читање на историите од пост-1981 година досега, тој приод главно се сведуваше на промоција на со тони напарфимирани, налицкани сејдо-бајрамовиќи, фаворизирање на економски јаден и гладен полусвет од руралните предели (т.н. „шарпланинци” како што СДСМ во 90-тите потсмешливо ги именуваше нивните „чесни-ем-поштени“ Албанци и Албанки од Полошко) сѐ до современиот збратимен македонско-меѓународен „гушт“ за промовирање и фаворизирање Албанци од мешани бракови. Притоа, брачната заедница со Македонка или Србинка беше доволно пусулче на потврда за способноста, отвореноста, современоста и напредноста на дотичниот – посебно доколку во реалноста не ги испулнува ниту базичните предуслови за такви епитети. И без сенс дали таквата „брачна“ стратегија е смислена за добро на општеството, или пак по мерка и интерес на – условно кажано – сопругот/ата како симболика на доминантната етничка заедница. Иако, токму подлабокото буричкање низ таа дилема ја разоткрива причината и мотивот зошто Албанците во односот кон македонските партии и општеството сѐ уште и до ден-денес се заковани и цеменетирани во политички дискурс, кој – со мали разлики – опстојува духовно и практично според матрицата од 90-тите. Заковани во реактивен однос диктиран од активниот и упорен приод на македонските партии и меѓународната заедница за наметнување на концепти кои се напати докажани како погубни и контрапродуктивни за замислената цел.

Акомодација и аклиматизација

Детектирање на објективните мотиви и причини за статичниот процеп помеѓу двете зедници е секако музика за уши за албанскиот политикум во Македонија. Море и мелем за нивните ранети души и ега, унисекс оправдување за неправдите кон кои се изложени и оправдание за секоја нивна глупост, демек дефанзивно преземена во име на акциите на другата страна. Но што правиме со фактот што таквата дефанзивно-плачлива поставеност веќе со години не е примарниот фактор на дејствување, туку полесната опција на преживување на политичката сцена, комотно јавната врз бранот на лажна маченичка изложеност во одбрана од евидентните итроманско-националистички интриги на партнерските македонски партии? Не веќе како условено прашање, туку како аксиоматична констатација е заклучокот дека албанските политички партии се имаат акомодирано, аклиматизирано и прилагодено кон за нив долгогодишната поднослива леснотија на „Јовица брани од волци“-играрија на префрлање вина за сѐ и сешто врз овој Македонец, оној Македонец, оној албански предавник и оној дволичен странец. Со тоа докажувајќи го веќе изнесеното тврдење дека Југославија и нејзиниот подземно-агентурски модус на третман на Албанците како диво месо денеска всушност тлее и делува во самите албански политички партии, како последно прибежиште на едноумие и соцреализам. Иронијата е во тоа што оваа реалност им е сосема јасна на Македонците и странците и мачињата и кученцата – освен на Албанците!?

Дали е затоа зачудувачка дилема или причина за соблазнување констатацијата на суреалното дека „успехот“ на Заев кај Албанците не се должи на неговата про-форма толеранција, туку на еден превиден детал кој Албанците не сакаат да го признаат. Имено, дека Заев (апсолутно не СДСМ) излезе со сеалбанска понуда според интересот на поединецот-граѓанин, додека пак албанските ДУИ, Беса, Села суицидно препотентно преферираа и понатаму да дрндаат по двете жици на албанската qifteli и saz (тамбура) како докажано милозвучни опиоидни тонови за зашеметување на масата, но со ексклузивно индивидуален профит од бакшишот во партиските деколтеа. Сите веродостојни предупредувања дека Заев не е искрен, дека е манипулатор и итроман без скрупули и со задни намери во однос кон Албанците сепак не се ниту приближно доволни за амнестирање или оправдување на дволичната игра на албанските партии кои поединечно или споделено настапуваат во име на Албанците и албанството, но во реалноста делуваат од позиција на маалски пријателства, атарски локализми и лажен патриотизам, споделено и присилно сведен на албанскиот јазик како минимум на сите минимуми на заеднички именител. Како аргумент кој и онака им е веќе речиси наметнат и преземен од – Заев!

Бараат, а не знаат што сакаат

Локалните избори затоа ќе бидат историски драматичен тест за сите албански политички партии и нивната пракса на молзење од иста крава. На три месеца пред изборите, нема назнака дека имаат намера да ја научат лекцијата дека изборите не се цел, туку инструмент. Таков е впечатокот, барем судејќи според споделениот приод во номинирање големи имиња без барем еден лист реално поставена програма и понуда за насушните потреби на единката Албанец, кој веќе не се пронаоѓа ниту во криминалната братија ДУИ (под заштита на Заев, Груевски, Бејли, Могерини), ниту во патетичните морализирања на Беса, уште помалку во локал-патриотските кланови на Села, но ни во интригите и лагите на Заев и неговите „системски Албанци“ и криминалци од преградија. Партиите на Албанците се на раб да бидат целосно исфрлени од политички влијателниот мејнстрим и „наградно” бидат задоволени со улогата на ефективно периферни фактори кои бараат, а не знаат што сакаат. Несвесни за пораките од Албанците кои со својата неизлезност им урлаат во уши: „Зошто ни зборувате за патриотска љубов, кога всушност сѐ што мислите е партиски секс!“

Арсим Зеколи

Извор: Дојче веле

Слични содржини