Контраспин: „Мајскиот договор“ не е Света книга

од Vladimir Zorba

Најголем проблем за повторната коалиција помеѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, нема врска со „мајскиот договор“, туку со  со спроведувањето на суштината на Договорт од Пржино. Во случајот станува збор за итните реформски приоритети…

 fireshot-capture-232-osmani_-uniteti-ke-im-nashteti-na-albants_-http___www-alsat-m-tv_mk_215233_

Портпаролот на политичката партија ДУИ, д-р Бујар Османи, за „Алсат-М“ ја даде следнава изјава во врска со опциите и преговорите за составување на нова влада на РМ, која ја оценува како извртување на вистината:

Спин: Прва опција е коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. За тоа има аргументи “За“ и “Против“. Главниот аргумент “За“ и можеби единствената причина зошто преговараме за можна коалиција е токму тој важен принцип, “победникот со победникот“.

[Извор: Алсат –М/веб, датум: 25.01.2017]

Контраспин: „Мајскиот договор“ влезе во игра како многу важен елемент во преговорите за составување на новата влада по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој буквално, како што вели професорката д-р Беса Арифи, во покерашки стил без силна карта во ракавот, им се закани на ДУИ и на Али Ахмети. Изјавата на Груевски која е дадена во интервју за „Дневник“ од почетокот на годинава гласи:

Ако ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија биде изиграна од ДУИ, независно кои ќе бидат причините за тоа, бидете убедени дека наскоро ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на голема врата во владата и тоа најмалку два мандата по ред. И ќе бидеме без каква било обврска при составувањето на владата.

Но, тука има повеќе проблеми. Првиот, кој е и најмал, е тоа што Груевски и ВМРО-ДПМНЕ никогаш не признале дека постои таков договор, туку сè уште важи изјавата на Груевски во Собранието на РМ дека станувало збор за разговори, со присуство на меѓународната заедница, но дека ништо не е потпишано. Изјавата на Груевски завршува со познатата реченица дека „порано или подоцна вистината ќе исплива на површината, бидејќи таа е како шило – ќе боде, ќе боде и ќе исплива“.

Вториот малку поголем проблем е што во самиот „мајски договор“, доколку се прифати неговото формално постоење, макар и на ниво на усни разговори, е фактот што во него не се споменува начинот за составување на влада. Според професорката Арифи, која се повикува на многу јавни извори и студии, т.н. мајски договор ги содржел следниве пет точки:

  • Партиите се согласуваат за список од 46 закони кои ќе се набројат во Деловникот на Собранието како закони за кои се гласа со Бадентерово мнозинство;
  • Партиите се согласуваат за заменување на еден член на Собраниската комисија за односи меѓу заедниците од ВМРО-ДПМНЕ со член од СДСМ, како и за подготвување на нов закон за составот на оваа комисија;
  • Партиите се согласуваат да пристапат кон прашањето на обезбедување на материјална и социјална помош на жртвите на конфликтот од 2001 година и нивните семејства со постојни закони и постапки. Партиите се согласуваат на продолжувањето на работата на работните групи во врска со оваа прашање;
  • Партиите се согласуваат да подготват и да предложат предлог-закон за употреба на јазиците кој ќе биде во потполна согласност со Охридскиот рамковен договор и со Амандманот V на Уставот на РМ. Партиите се согласуваат на продолжувањето на работата на работните групи во врска со оваа прашање;
  • После враќањето на ДУИ во Собрание, партиите се согласуваат да продолжат со преговорите за прашањето на начинот на составување на владата.

 

Потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи и сестра на професорката Беса Арифи, оваа недела на два пати потврди дека „мајскиот договор“ не може да биде причина за коалиција, бидејќи принципот на коалицирање не се споменува во него. Еднаш за НОВА ТВ, еднаш за Алсат –М.

 

МАЈСКИОТ НИТУ Е ОХРИДСКИ, НИТУ ПРЖИНСКИ ДОГОВОР

Но, дури и да се споменува начинот на коалицирање, постои уште еден, трет проблем. Прво дискутабилно е дека ДУИ ги застапува интересите на мнозинствто граѓани Албанци во Македонија, без оглед на освоените пратенички мандати, затоа што исто толку мандати освоија и опозициските партии БЕСА, Алијансата за Албанците и ДПА, плус повеќе десетици илјади гласови на Албанците што отидоа на контото на СДСМ, за прв пат во историјата на современа Македонија.

Второ, овој договор, ниту е озваничен од актерите со целосен легитимитет, ниту пак, е на ниво од другите договори, како Охридскиот или Договорот од Пржино. Ова мислење за Алсат-М го истакнува професорот од ДУТ, д-р Мерсим Максути, според кого ова е доволна причина „мајскиот договор“ да не се истакнува како главен предуслов за формирање влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ:

Бидејќи овој договор во мај 2007 година не бил објавен до сега, не бил потпишан од политичките лидери и не е претворен во закон, во правен акт како Договорот од Пржино, тогаш претставува неефективен договор, непостоен кој не треба да се почитува. Принципот дека победникот со победникот можат да прават влада, во конкретниот случај ВМРО и ДУИ не е стабилен, бидејќи демократијата бара влада да прави мнозинството. 

Неговото мислење го дели и професорката Беса Арифи, според која Pacta sund servanda – односно „договорите мора да се почитуваат“ во целост, а не сегментарно:

Ако од целиот Мајски договор за ДУИ е важна само петтата точка, за која очигледно воспоставиле некоја практика со ВМРО-ДПМНЕ која не се споменува во самиот Мајски договор како таков, тогаш тие сами кажуваат што им е приоритет и за кои одредби самите си одлучуваат да не отстапуваат во било кој случај.

 

СВЕТА КНИГА ТРЕБА ДА СЕ ИТНИТЕ РЕФОРМИ

Четвртиот, суштествен и најголем проблем за повторната коалиција помеѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, нема врска со формалното толкување на договорите, туку со спроведувањето на нивната суштина. Во случајот станува збор за итните реформски приоритети кои се суштествени за натамошното демократско уредување во Македонија и за нејзината стабилност, со перспектива за побрзо членство во ЕУ и НАТО.

Факт е дека постојат итни реформски приоритети, кои како документ во Влада и во Собрание беа усвоени откако Владата и Собранието го усвоија Извештајот на Рајнхард Прибе. Факт е дека самиот Груевски на два пати, во 2015 и во 2016 година ги ветуваше, а потоа околу нив ништо или многу малку е сработено.

Станува збор, според заклучоците во анализата на Прибе, за серија реформи кои се однесуваат на: 1) контролата на комуникациите; 2) судството и обвинителството; 3) надворешниот надзор од независни тела, 4) начинот на спроведување на изборите и 5) состојбата во медиумите.

Овие приоритетни реформи, преточeни и во Договорот од Пржино и неговите анкеси, вклучувајќи ја и непреченета работа на Специјалното јавно обвинителство, се основата врз која треба да се гради поблиската и подалечната иднина на Република Македонија. Но, според своето досегашно однесување во изминатиот осумгодишен коалициски период, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не ѝ даваат ниту еден уверлив аргумент на јавноста дека можат да спроведат какви било посериозни реформи, дури и да имаат двотретинско мнозинство во Собранието.

Поради овие аргументи, цениме дека изјавата на д-р Бујар Османи, дека „прва опција е коaлицијата со ВМРО-ДПМНЕ“, а дека „мајскиот договор“, можеби е и „единственaта причина“ зошто преговараат со таа партија, е спин. Не постојат никакви цврсти политички аргументи за таквите преговори, освен продолжување на владеењето со државата.

Пишува: Теофил Блажевски


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Слични содржини