КОНТРАСПИН: Она што за Димовски е нецивилизациски, за Собранието е уставна обврска

од Vladimir Zorba

Илија Димовски помеѓу цивилизациските и уставните норми.

Не само поради уставната обврска, туку, пред сè, поради загубените човечки животи, Собранието може и мора да ја провери политичката одговорност на носителите на извршната власт за последиците од поплавите во Скопје

Илија Димовски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на прес конференција запрашан за евентуалната политичка одговорност за последиците од поплавите во Скопје од 06.08.2016, го искажа следново извртување на вистината:

Спин: Е, ова е тој контекст за кој што зборувам дека е нецивилизациски и неодговорен во вакви моменти. Мислам дека во овој момент повеќе треба да дискутираме како да помогнеме на луѓето, има време секогаш да се дискутира за тоа. Начелно она што го имам како информација на преземени активности последните десет години за чистење канали, за градење инфраструктура, средства кои се трошат од државниот буџет и од буџетот на општините се неколкукратно поголеми, отколку било кога досега, но нема да навлегувам понатаму со одговор заради тоа што мислам дека не смееме во тој контекст да ја водиме расправата – рече Димовски.

[Извор: META, Датум: 12.08.2012]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Изјавата на пратеникот Илија Димовски дадена на прес конференција одржана на 12.08.2012 ја сметаме за извртување на вистината, т.е. спинување и тоа по две основи. Времето за расправа и неговата начелна информација за тоа колку пари се трошеле од државниот буџет и од буџетите на општините за чистење и градење одводни канали.

Расправата за одговорност спаѓа во делот на отчетноста и контрола на власта. Според уставното уредување, Република Македонија е парламентарна демократија со јасно поделена надлежност на властите на извршна, законодавна и судска (Устав, чл.8). Севкупните политики во една земја со ваков тип на уредување ги планира и спроведува генерално извршната власт, законодавната се грижи за донесување и изменување на законите, а заедно со судската се грижат за оценка на нечија одговорност, при што во доменот на законодавната, повеќе е утврдување на политичката одговорност, односно контрола на работењето на сите што се одговорни пред Собранието на РМ.

Всушност, во целата оваа поделба на власта, законодавната, т.е. Собранието како највисок орган на претставничката демократија, т.е орган каде што решаваат претставници избрани од граѓаните (кои привремено го дале својот суверенитет во владеењето со државата на претставници на политички партии или независни претставници) има и најголемо овластување да утврдува нечија одговорност или да оценува и проценува дали некои политики се во ред или не се.

Во делот, пак, на извршната власт спаѓа и планирањето и организацијата на системот за заштита од природни и други несреќи, кој пред да биде спроведуван, на ниво на легислатива се проверува претходно во Собранието, па оттука, сосема е јасно дека при справувањето со некоја природна несреќа, во случајов поплавата во Скопје, главниот збор го има извршната власт и институциите што таа ги раководи, а кои се дел од севкупниот систем за справување со кризи.

 

СОБРАНИЕТО ИМА ОБВРСКА ЗА КОНТРОЛА!

Собранието пак, има суверено право и обврска да расправа и да контролира дали  и како тој систем функционира, вклучувајќи ја и конкретната состојба (врз основа Уставот, чл.62), а секој пратеник одделно или група на пратеници имаат суверено право да побараат и да расправаат за нечија политичка одговорност за одредени пропусти, особено кога има голем број загубени човечки животи, бидејќи, како што се вели во Уставот, „животот на човекот е неприкосновен“.

Значи, нема време и невреме за расправа за политичка одговорност. Има поделба на власт и надлежности и оттука, секое време за таква расправа е ок, ако некој надлежен, па дури и јавноста во овој случај (бидејќи и таа е израз на ставовите на граѓаните кои се врховен суверен), смета дека треба да се расправа за тоа.

Впрочем, Собранието или пратениците, ако оценат, би можеле да расправаат за тоа дали извршната власт ја зела во предвидПроценката за загрозеност на РМ од природни и други несреќи и спроведувањето на сопствената Одлука за тоа стапена во сила во 2007, година, каде што во делот за загрозеноста од поплавите се наведуваат многу сериозни предупредувања(стр.17). Или пак, дали извршната власт во целост се грижи за спроведување на Законот за заштита и спасување, каде јасно се наведува дека субјектите задолжени за ова материја се одговорни за правење на проценки и планови, како и превенција од поголеми последици (членови од 2-5). Исто така, пратениците би можеле да се позанимаваат и со тоа дали и колку извршната власт ја спроведува Националната стратегија за заштита и спасување во периодот 2014-2018 година, што ја донеле пратениците на 9-ти јануари 2014 и каде посебно се укажува дека треба да се преземат мерки за заштита и спасување од поплави од природни водотеци!

Но, пратениците ако сакаат можат да расправаат и за тоа дали треба да се донесе закон за привремено стопирање на инвестициите во објекти од проектот Скопје 2014 или закон, со кој ќе и наложи на Владата пренамена на сите инвестиции од ваков тип во конкретна помош на настраданото подрачје и население, но и инвестирање во мерки и активности за заштита од некоја следна природна катастрофа…

Значи, пратениците не само што имаат право и обврска, туку не се ограничени со никаков тајминг да не расправаат за нечија политичка одговорност.

 

КАДЕ СЕ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ПАРИТЕ ШТО БИЛЕ ДАДЕНИ?

Што се однесува до вториот дел од изјавата на Димовски што ја сметаме за извртување на вистината, одговорот го дава самата реалност. Не навлегуваме во тоа дали е точно дека „начелно од тоа што го има како информација,  преземенитеактивности во последните десет години за чистење канали, за градење инфраструктура, средствата кои се трошат од државниот буџет и од буџетот на општините се неколкукратно поголеми, отколку било кога досега.

Можеби на хартија е така. Можеби, навистина се дадени повеќе пари и од централниот буџет и од буџетите на општините за чистење на постоечките и изградба на нови канали и друга инфраструктура за заштита од поплави, споредено со власта пред ВМРО-ДПМНЕ, иако за ова да се провери е потребна многу сериозна анализа и на централните и на локалните буџети и на спроведеното.

Но, реалноста кажува дека ефектите од тоа не само што не се видливи, туку во Скопје резултираа и со најмалку 22 загубени човечки животи. Да не зборуваме за Тетово и тетовско при минатогодишните поплави на 03.08.2016 кога загинаа 6 лица а 20 беа повредени, или, пак, сите материјални штети во Македонија од поплавите кои наназад во изминатите неколку години редовно зафаќаат помал или поголем регион, какви што беа оние од февруари 2015 година, при што настрадаа огромни населени и земјоделски површини во Источна и Југозападна Македонија.

Впрочем, еве што кажало стручно лице, хидролог, Јосиф Милевски уште во 2014 година, кога Утрински весник се осврнал на оваа тема, а по повод обилни врнежи поплави во регионот:

Постојано сме во потрага по средства за комплетна регулација на коритото на Вардар, но, всушност, треба да се работи и на интервенции и ускладување на целата национална речна мрежа, бидејќи Вардар се спојува со 85 отсто од реките. Засега регулацијата и уредувањето на сливовите на реките се спроведуваат локално, со одделни наменски средства од УНДП, УСАИД, Швајцарската агенција за развој… Но, дел од речните корита не се средени и по 20-30 години, а недостасуваат и поангажирани претпријатија за водостопанство кои нема единствено да препишуваат делови од европскиот Закон за води, без потоа да ги спроведуваат на терен, вели хидрологот Јосиф Милевски.

Многу посериозни критики, после трагични поплави во Скопје изрекоа и други експерти кои се веќе пошироко цитирани во јавноста, како што се Ивица Милевски од Институтот за географија во изјавите за веб порталот Нова ТВ и за Утрински весник, потоа хидрологот Васко Стојов од УХМР во анализата што ја објавија медиумите, или пак експертот за ерозија, професоротАлександар Трендафилов за Телма, кој вели дека „ниту еден од водотеците од Скопска Црна Гора не комуницира со Вардар“, како и тоа дека државата „ни води сметка, ниту пак прави истражувања за можните последици од поплави“.

Поради сето горенаведено, изјавата на Димовски ја оценуваме како спин или извртување на вистината

Пишува:Теофил Блажевски

Слични содржини