КОНТРАСПИН: Системската опструкција врз СЈО за Димовски била неспособност на Јанева!?

од Vladimir Zorba

По јасно укажување на Јанева, дека постојат голем број опструкции од страна на институции и органи во државата во однос на нејзината работа, притоа и конкретно наведувајќи четири примери, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и шеф на пратеничката група на партијата, Илија Димовски, изјави дека тоа било признание оти „предметите се празни“ и дека станува збор за неспособност на Јанева и на СЈО. Ваквото грубо извртување на фактите не е ништо друго туку очигледен спин

FireShot-Capture-51-Sobraniska-komisija-23-09-2016-YouTube_-https___wwwyoutubecom_watch-final[1]

 

Изјава на Илија Димовски на расправа во собраниска комисија за извештај СЈО, која ја оценуваме како извртување на вистината:

Спин: Граѓаните на Република Македонија овие неколку денови разбраа колку институцијата СЈО ниту има концепт, ниту има професионалност, ниту има непристрасност, ниту знае што треба да работи. Госпоѓата Јанева призна дека не се комплетни предметите. Тоа професор од правен факултет го разбрал и крева паника. И мене тоа ми е совршено јасно.

[Извор: Република, Датум: 23.09.2016]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: На расправата во Собранието на РМ, во Комисијата за политички систем по извештајот за шестмесечното работење на Специјалното јавно обвинителството, Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ изјави во петокот попладне (23.09.2016) дека Катица Јанева сама признала оти е некомпетентна, со тоа што кажала дека одреден број предмети и се некомплетни и недовршени.

Ваквата изјава на Димовски е еклатантен пример на извртување на вистината и нејзино претворање во виртуелна реалност, т.е. претставување на црното како бело.

Овој спин на Димовски е преочигледен за секој што ја следел комисиската расправа или внимателно ги следел објективните медиуми со нивните извештаи. Имено, Димовски се изјасни со вакви квалификации за Јанева, откако специјална обвинителка, како одговор на прашање на два пратеника, зборуваше за опструкциите при работата на СЈО.

…Прашувам, дали Паралментот има намера да ја праша претседателката на Врховен суд или на Судскиот совет, кој е виновен за ова одлагање на предметот… Како што вели господинот пратеник (Крсто Мукоски – н.з.), мојот извештај бил штур, ова не го напишав тука (за опструкциите н.з.) за да не се срамуваме сите од нашата работа. Шест месеци еден суд да не постапи по едно барање за доставување докази е срамота – изајви Јанева во одговор на прашање за предметот „Пуч“.

По ова Јанева, како одговор на прашање на пратеникот Горан Милевски за конкретен случај со сомневање за двојни гласачи во битолско, наведе уште неколку многу поконкретни опструкции за дел од предметите што се во истражна фаза, а за кои се оддамна се чека подигање на обвинителен акт. Тука ќе парафразиме дел од одговорите:

На пример, за предметот „Тврдина“, кој е во фаза на истрага за тоа кој, како и зошто ја уништувал опремата за прислушкување во УБК на МВР, Јанева кажа дека опструкциите доаѓаат од самата УБК. Од пред неколку месеци одговорното лице во УБК не соработува со СЈО и не одговораат на нивните барања, а ги попречувале и разговорите со вработените. Јанева објасни дека имаат повикано неколку лица во својство на сведоци, но од страна на одговорното лице во УБК на сведоците им било забрането да примаат покани за разговор, па СЈО ги испратиле на домашна адреса, но, кога требало да се појават на разговор, добиле известување со оправдување дека повиканите биле болни, рече Јанева

Во случајот „Транспортер“, каде што се осомничени повеќе лица, а првоосомничен е градоначалникот на општина Битола, во врска со незаконско исплаќање на пари за транспорт на ученици во општината, Јанева рече дека последната опструкција е тоа што никој надлежен, ниту од Општината, ниту од Министерството за образование, ниту државата преку Државното правобранителство, не сака подолго време да поднесе отштетно побарување за настанатата штета, со што доказите за кривичното дело може да станат безвредни. Патем, штетата врз Буџетот на РМ, СЈО ја утврди на околу 360 илјади евра.

Во трет случај на истрага за една јавна набавка, кога лицата од СЈО отишле на разговор во компанијата ЕВН за да утврдат факти, неколку пати на разговорот присуствувало надредно лице на повиканото за разговор, по што истрагата околу овој случај морале да ја продолжат со закажување разговори во просториите на Обвинителството.

После ваквите искази на Јанева, наместо прашања за дообјаснување каде и кој уште прави опструкции, следува изјавата на Димовски, кој и се заблагодари на Обвинителката што самата признала дека делата и се некомплетни, а тоа било доказ за нејзината некомпетентност!?

Впрочем СЈО и во својот втор Извештај(стр.12) наведува дека се среќава со пречки во својата работа и покрај законската обврска што произлегува од Законот за СЈО, сите институции да мора да соработуваат со Обвинителството:

Сепак и покрај ваквата законска обврска, во текот и на овој извештаен период ова Јавно обвинителство се соочуваше со одредени потешкотии од аспект на меѓу-институционална соработка и голем дел од институциите покажаа непочитување на барањата на ова Јавно обвинителство адресирани врз основа на овластувања и права дадени со закон. 

Оттука, изјавата на пратеникот Илија Димовски, кој целосно ги игнорира фактите што ги кажа Јанева, за да извлече тврдење за некомпететноста, е чист и беспоговорен спин или извртување на вистината.

Пишува: Теофил Блажевски / Вистиномер

Слични содржини