Координаторите на ВМРО-ДПМНЕ ја почнаа блокадата на Собранието

од desk2

Попладневната сесија на шестата седница на Собранието на Република беше прекината по само две минути од почетокот.

Зоран Илиоски, како „координатор на третата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ“, побара половина час пауза и стенограми од претходната дискусија и видеозапис.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, му укажа дека не се меша во правото на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да формираат пратенички групи, но дека тоа што ВМРО-ДПМНЕ го направи е за да имаат 10 координатори кои постојано ќе бараат паузи за да ја блокираат седницата.

– Не коментирам процедурално, Вие побаравте половина час, ќе добиете еден час. Десет групи сте, ќе добиете 10 часа пауза за да блокирате. Сега ќе добиете половина пауза, а ќе добиете стенограм за да го видите вашето меѓусебно комуницирање. Видеоснимка ќе добиете во текот на работата – рече претседателот на Собранието пред да прогласи нова пауза.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, на прес-конференција во Собранието изјави дека формирањето десет пратенички групи е класична блокада на законодавниот дом, како и блокада на реформите и оневозможување на граѓаните да ги добијат потребите услуги од државата.

 

– Со ваквата блокада, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се однесува лицемерно, себично, неодговорно и на директна штета на граѓаните. Парламентарното мнозинство, предводено од СДСМ, ќе направи сè за да не застанат реформите за кои гласаше мнозинството граѓани и кои носат добро за сите. Од авион се гледа дека опструираат за да не биде разрешен Марко Зврлевски. Ги повикуваме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се откажат од ваквиот несовесен потег, кој, всушност, претставува понижување и девастација на институцијата Собрание, понижување на граѓаните и на демократските вредности и е спротивен од државните и интересите на граѓаните – изјави Тунтев.

 

Координаторот на пратеничката група на СДСМ додаде дека ниту граѓаните, ниту државата не смеат да бидат заложници на неколку лица од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

/Мета

Слични содржини