Корејскиот Гордиев јазол

од Vladimir Zorba

 

Независне новине – Бања Лука

Раѓањето на дете кај нас обично се слави во кафеана до доцна во ноќта, со премногу алкохол, гласна музика и песни. Често во небото се испалуваат и куршуми од пиштол, но и од друго оружје. Познати сме по недисциплина која некогаш некоја прослава ја претвора во трагедија.

Велат дека севернокорејскиот лидер, младиот Ким Џонг-ун, раѓањето на ќерката го прославил со неодамнешното лансирање на крстосувачки ракети. Ракетата го прелета северниот јапонски остров Хокаидо и ја заврши авантурата во океанот, неколку илјади километри од брегот на Јапонија, во меѓународни води.

Во деловите на Јапонија кои ги надлета ракетата на Ким, беше прогласена тревога и населението беше повикано да се евакуира во засолништа. За волја на вистината, ракетата летала на висина над 500 километри и на таму можела да биде опасност само за Меѓународната вселенска станица и за телекомуникациските сателити, никако за Јапонија.

Па сепак, ова за Американците и нивните сојузници беше уште една од низата груби провокации на Северна Кореја. Тензиите на полуостровот се надувани до пред пукање, како што се дебелите образи на севернокорејскиот лидер, трет од комунистичката династија Ким.

А се започна по крајот на Втората светска војна со капитулацијата на Јапонија, која одамна под окупација го држеше Корејскиот Полуостров. Кореја тогаш била поделена, слично како Германија, но само на две окупациски зони, советската на север и американската на југ. Триесет и осмата паралела стана линија на поделба на полуостровот.

По три години, во 1948 година под руско и американско влијание беа основани две независни држави – Народна Демократска Република Кореја и Република Кореја. Корејскиот народ е поделен, семејствата разделени.

Сето ова доведе во крвава војна, во која настрадаат околу четири милиони Корејци, неколку стотици илјади кинески доброволци, над 38.000 Американци и неколку стотици руски пилоти. Војната не заврши со мировниот договор, ниту народот се помири, туку со примирјето од 27 јули во 1953 година.

Во првите децении од владеењето на Ким Ил-сунг, силно помогнато од Советскиот Сојуз и Кина, Северна Кореја побрзо напредуваше. Посебно се развиваше тешката индустрија како носител на стопанството. Југот главно беше во проблеми, се до 80-те години од минатиот век.

Во тие години Северна Кореја се повеќе се врти кон себе, упорно инвестирајќи во развој и јакнење на сопствената армија. Советските инвестиции во економијата на земјата се намалуваат, веројатно и како последица на сопствените, советски економски проблеми, посебно по инвазијата на Авганистан. За тоа време Јужна Кореја добива воени репарации од Јапонија, а воената хунта, која тогаш беше на власт, се повеќе смета и на директна американска економска помош.

Земјата доживува препород, се основаат и светски познати компании, како што се „Самсунг”, „Хјундаи” и други. Не зачудува одличната организација на Олимписките игри во Сеул во 1988 година. Денес земјата развива општество со западен тип на демократија.

Северот од 90-те години од минатиот век, па до денес, се соочува со сериозни економски проблеми, државата беше на работ на глад, но воено постојано зајакнуваша, за на крај да стане и нуклеарна сила. Во меѓувреме во 1994 година починатиот лидер Ким Ил-сунг го наследи синот Ким Џонг-ил. За него се зборуваше дека е плејбој, дека сака жени и чашка повеќе, но не поживеа ни близу како неговиот татко. По неговата смрт во 2011 година, династијата Ким ја наследиа младиот лидер Ким Џонг-ун.

Главно се шпекулира кога точно е роден Ким Џонг-ун. Некои велат во 1982 или можеби една година подоцна, а дури и 1985 година се наведува како година на неговото раѓање. (А, можеби на крај ќе се покаже дека воопшто не е ни роден, дека е дете од небото, или веќе нешто слично).

Пораснал во раскош, а средното училиште го завршил под лажно име во Швајцарија, како дете на корејски дипломат. Неговите поранешни школски другари од Западот зборуваат дека бил дружељубив и дека имал смисол за хумор. По враќањето дома завршил Воена академија, а по доаѓањето на власт редовно ги посетува воените единици и базите и присуствува на чести лансирања на ракети. Импулсивен е и директен, често непредвидлив, а сето тоа на најгруб начин го искусија многумина од неговото опкружување кои макар и малку го искритикувале.

Се смета дека десетици од нив се убиени, дури и негови блиски роднини. Но, има и голема харизма меѓу своите лојални луѓе. Да се сетиме на плачењето и паѓањето во транс на жените кои успеаја да го допрат или да бидат во негова близина. Хистерија која своевремено ја следеа „бубачките” од Ливерпул.

Северна Кореја одамна им боде очи на САД. Заедно со Сирија на Асад и Иран, Вашингтон ја означи земјата за членка на „оската на злото”. (Интересно е дека и покрај се, Американците се најбројни меѓу туристите во Северна Кореја).

Ким Џонг-ун и натаму се инаети и си игра со своите омилени играчки кои можат да носат нуклеарни боеви глави, а покрај Јужна Кореја и Јапонија, може да ја погоди и американската пацифичка територија Гуам со над 170.000 жители.

Според некои, зад Ким Џонг-ун и неговите ракетни тестови стојат Москва и Пекинг и нивното тестирање на американското трпение и нерви, па сепак, многумина веруваат дека не е баш така. Од друга страна, ни американскиот претседател Доналд Трамп не е баш предвидлив. Под постојан притисок е дека е руски човек и дека не е вистински американски националист за каков што се претставува.

Како и да е, само еден погрешен чекор од која било страна, една искра може да го запали оганот и да предизвика судир од многу пошироки, дури глобални размери. Каде во целата оваа приказна за корејскиот Гордиев јазол се интересите на корејскиот народ? На тој народ кој многу страдал во својата историја. Се плашам, тие се таму каде што се и интересите на сите мали народи на кои судбината им ја кројат големите сили, таму… не ме влечете за јазик.

Слични содржини