Котеска: Нема да се појавам во Собранието, каде што падна крв

од Vladimir Zorba

Со згрозеност и огромна осуда гледам на упадот во македонското Собрание и бруталното насилство во него, затоа и дојдов да ја примам наградата во МАНУ, да беше во Собранието немаше да дојдам, вели Јасна Котеска добитничка на наградата „Гоце Делчев“ за особено значајни остварувања во областа на науката, пренесе Телма.

„Јас лично сум благодарна и нема да се појавев на местото каде што пред недела дена со крв излегуваа народните претставници. Се надевам на смирување на ситуацијата и сите насоки велат дека ситуацијата во Македонија конечно се смирува и се надевам на мирен трансфер на власта“, смета проф. д-р Јасна Котеска.

Наградата „Гоце Делчев“ и е доделена за нејзиното дело „Киркегард за консумеризмот“. Станува збор за анализа на опусот на големиот дански филозоф Сорен Киркегард.

 „Книгата беше објавена минатата година со Тринити колеџот од Торонто и со централноевропскиот истражувачки институт „Сорен Киркегард“ од Љубљана, така што е во согласност со максимата на Гоце Делчев дека го разбира светот како културен натпревар меѓу народите, бидејќи станува збор за книга од југоисточна Европа, од Македонија, за дански филозоф објавена во Канада и во Словенија и печатена во Словачка“, вели проф. д-р Јасна Котеска.

Во ова дело се загатнува и прашањето за аспектите на потрошувачкото општество денес.

„Прашањата во книгата се зошто ги правиме изборите коишто ги правиме на потрошувачки план и во исто време дали на тој начин, дали капитализмот е монструозна машинерија за производство на добра, Киргекард тврдел дека е, иако го фатил само зародишот на конзумеризмот денес“, вели Котеска.

Сорен Киркергард ги загатна прашањата кои и денес се актуелни: за начинот на кој корпорациите владеат со тоа што се нарекува избор и начинот на кој се согласуваме без отпор да ги прифатиме нештата во време во кое материјалните добра го потиснаа духовното во луѓето, додава професор Котеска.

Слични содржини