Коѕиас и Попоски на Малта разговарале за ситуацијата во Македонија

од Vladimir Zorba

Министерот за надворешни работи во оставка, Никола Попоски вчера во Валета се сретнал со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас. Грчкото Министерство за надворешни работи информира дека двајцата министри оствариле средба на маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, кој се одржи вчера на Малта само ден по насилните инциденти во македонското собрание.

„За време на состанокот, двајцата министри за надворешни работи разговараа за европски и регионални прашања и имаше взаемен брифинг за скорешните случувања во двете држави“, се вели во соопштението на грчкото МНР.

Коѕиас во изјави за грчки новинари посочи дека на состанокот забележал дека инцидентите се рефлексија на недостатокот на култура за компромиси.

„Федерика Могерини ја потенцираше сериозноста на ситуацијата, а јас имав коментар во кој потенцирав дека се потврдува она што го кажав пред две и пол години, односно дека треба да има култура на компромис и консензус за да се решат внатрешните проблеми на оваа држава“, изјави Коѕиас.

Грчкото МНР по инцидентите во македонското собрание во кое беа насилно нападнати пратеници на СДСМ, Алијанса на Албанците, новинари и граѓани изрази жалење и подготвеност да и помогне на Македонија за деескалирање на кризата./META

Слични содржини