Коѕијас: Нема да одам на одмор додека не ги решам споровите со Албанија

од desk4

   Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас денеска најави нова офанзива околу нерешените прашања со Албанија, нагласувајќи дека нема да замине на одмор без да ги реши овие прашања. 

– Набрзо ќе ги решиме проблемите со Албанија. Се наоѓаме во процес на решавање на проблемите кои постојат 70 години. Нема да одам на одмор без да ги решам, изјави Коѕијас по средбата со неговиот руски колега Сергеј Лавров во Москва.

Пренесувувајќи ја оваа вест, албанските медиуми, наведуваат дека Грците уште на 6 јуни „почнале да се радуваат“ на договорот со Албанија, со кој на Грција и се отстапуваат 12 милји од албанските територијални води во Јонско Море.

– Се ноаѓаме во еден многу значаен миг од историјата на нашиот народ. Многу набрзо ќе ги прошириме нашите морски територијални води со признавање на екслузивните економски зони, искористување на подводните богатства. Нашата земја ќе влезе во нова ера, изјави грчкиот министер за одбрана Панос Каменос во врска со договорот.

По објавувањето на веста остри реакции имаше од албанската опозиција, која го оцени договорот како национално предавство и обвини дека разговорите се одвивале целосно во тајност.

Дното на Јонско Море е богато со нафта и гас. Првично, договор за отстапување дел од албанските поморски води на Грција во 2009 година потпишаа тогашните шефови на албанската и грчката дипломатија, Љуљзим Баша и Дора Бакојани, но Уставниот суд на Албанија го прогласи за неуставен.

За грчката страна други спорни прашања се изградбата на гробишта на грчките војуници на југот на земјата и почитување на правата на грчкото малцинство во Албанија, додека од албанска страна се бара поништување на договорот за воена состојба меѓу двете земји, како и враќање на имотите на протераните Албанци од областа Чамарија, прашање, кое според Атина, не постои.

Слични содржини