Крис Хеншоу – НДИ: Недостатокот на дебата и дијалог, дел од причините за кризата во Македонија

од Vladimir Zorba

Крис Хеншоу, прв човек на Националниот демократски институт од САД во Македонија во интервју за Ноќен Експрес на Канал 77 вели дека недостатокот на политички дијалог и дебати е дел од причините зошто земјава е во ваква политичка криза. Тој излезот го гледа во тргањето на непријателствата настрана и интензивирање на дијалогот.

chris henshaw

Ноќен експрес: НДИ повеќе од 23 години во Македонија работи на унапредување на демократијата и овозможување на политичкиот дијалог во земјава. По сите овие години, каква е вашата проценка, за нивото и квалитетот на демократијата и политичкиот дијалог?

Хеншоу: Во овој момент, мислам дека да се дојде до согласност од страна на партиите, големи или мали, за било кое прашање е практично невозможно. Но, мислам исто така дека едно нешто околу кое би се согласиле сите страни, вклучувајќи ги и коментаторите на состојбите, е дека во овој момент се наоѓаме во политичка криза. И дека исто така, доколку би се согласиле и околу нешто друго, тоа е дека треба да излеземе од таа политичка криза. Мислам дека разликата помеѓу партиите би била околу тоа како да се направи тоа. А, во овој момент, мислам дека имаме во историјата на изборите на оваа земја, некои кои не беа ни одблиску добри колку што би требало да бидат. Земјата оди на гласање во декември. И, императив е идните избори во земјава да бидат видени како слободни и фер, и внатре во земјата и од страна на оние кои ги набљудуваат однадвор.

НЕ: Имало ли времиња во Македонија кога дијалогот бил подобар?

Хеншоу: Мислам дека политичкиот дијалог варираше неверојатно во текот на 12те години колку што сум јас тука. Имало времиња кога бил подобар, имало прилики кога бил полош. Сега, не е добар. Тоа е дел од причините зошто ја имаме оваа криза. И важно е да имаме обновување на тој дијалог, преку дебати како еден од начините за да се тргне напред, за да се обидеме да ја вратиме политиката во Македонија назад на колосек.

НЕ: Зошто е толку тешко да се организира политичка дебата во Македонија?

Хеншоу: Не е тешко да се направи организацијата, понекогаш е многу тешко да се добие согласноста и посветеноста на некои луѓе да дојдат на дебата. Дел од причините е тоа што во последниве години, барем во 12те години колку што сум јас тука, нема традиција на дебатирање. И како што политичкиот дијалог и политичката криза се влошуваше, партиите повеќе се оддалечуваа едни од други отколку што наоѓаа заедништво.

Сепак, во една демократија, погледнете ги на пример Соединетите држави во овој момент. Само што ја имавме третата претседателска дебата во С.А.Д. На самиот почеток на дебатниот процес, беше објавено во медиумите дека Доналд Трамп бил против учествувањето на дебати. Но, тој знаел многу добро дека нема избор околу тоа прашање. Мораш да бидеш дел од тоа. Јас доаѓам од Обединетото Кралство, кај нас дебатите за време на изборите се дел од процесот. За гледачите, секоја личност, потенцијалните гласачи да можат да видат за што се залагаат партиите.

Па така, додека се приближуваме до наредниве избори во декември, во нивната претходница, НДИ, уште еднаш, како што сме правеле и во минатото – сме организирале претседателски дебати, дебати за локалните избори, парламентарни дебати – ние ќе организираме дебати. И, ќе го правиме тоа според воспоставените принципи на кои се согласиле партиите во минатото, според правилата на Комисијата за претседателски дебати на САД чијшто правилник го користиме како дел од овој процес. Тие правила се фер, и се надевам и апелирам до партиите да учествуваат на овие дебати.

НЕ: Што треба, според вас, да се направи? Како да се ангажираме како оштество, граѓанскиот сектор, медиумите, за на некој начин да ги натераме политичките актери да учествуваат во дијалогот?

Хеншоу: Медиумите имаат многу важна улога за време на изборите. Фер и балансираните медиуми се важна работа. Прашањата околу состојбата со медиумите во Македонија се подигаат неколку години наназад. Гледаме како Македонија постојано паѓа на светските индекси за слободата на медиумите. Мораме да го вратиме тоа назад. А, изборите претставуваат една голема можност тоа да се направи. Навистина би било извонредно добро да влеземе во овие избори, тие да бидат слободни и фер, а медиумите да добијат признание дека ја одиграле својата улога во обезбедувањето на слободни и фер избори. Значи, балансирани медиуми, непристрасно известување за активностите на политичките партии, отворени медиуми кои ги имаат партиите и кандидатите во нивните студија, во нивните емисии, но на дебата. Дискусиите и и дискурсот помеѓу кандидатите пред камерите е неверојатно значаен.

Исто така и граѓанското општество е есенцијално во овој процес. Цивилното општество кое ги претставува погледите на граѓаните и различните интереси на различни групи имаат своја улога која треба да ја одиграат. Студиски дебати кои ги вклучуваат и претставниците на граѓанското општество би биле исто така чекор напред. Тука има политичари кои немаат доверба во граѓанските организации. Треба да го оставиме тоа настрана. Ајде да дебатираме и дискутираме. Отворено, пред камерите.

НЕ: Вие во изминатиов период организиравте Тв дебата, претходно го промовиравте кодексот за изборите кој го потпишуваа политичките партии. Нашата јавност цени дека не сите го почитувале тоа што го потпишале. Кои се конкретните планови на НДИ за поддршка на овој изборен процес?

Хеншоу: Очигледно е дека сме задоволни што изборниот кодекс сега е дел од Изборниот законик, а ДИК е сега надлежна за кодексот. Тој е сега должност. Тој е сега задолжителен, додека порано функционираше на доброволно ниво, преку убедување на партиите. Што се однесува до дискусиите и дискурсот, токму затоа ја започнавме ТВ емисијата „Отворено“, затоа што ја сакаме размената помеѓу политичарите, граѓанското општество и граѓаните. Сакавме да го има тоа на ТВ, во студијата. Затоа и го започнавме „Отворено“, со фокус на различни прашања. И, продолжуваме со емисијата, новата серија ќе започне наскоро, затоа и тргнавме со „Отворено“, за да ги донесеме на иста маса политичките актери, високите јавни службеници, претставниците на граѓанското општество, како и луѓето на улица, во публиката, да можат да ги дискутираат овие прашања.

Слични содржини