(The Violators/ Hellen Walsh)

Кога некој би се обидел да го раскаже тмурното секојдневие на периферните, човечки депонии на големите, индустриски градови, а притоа и да ја проектира таа нарација на големото, филмско платно, не би го направил тоа поуспешно од Хелен Волш соThe Violators. Насловот, во буквален превод, би значел нешто како „злоставувачите“, и тој самиот може да ја сумира мрачната, животна философија на сите осудени да живеат во таквите услови – секој е секому волк, секој би искористил секого, секој би го прекршил и законот и моралот за да преживее. Никој не верува никому.

OS_Violators2_600-366x244
Во центарот на случувањата се наоѓа петнаесет-годишната Шели, која очајно се труди да го задржи невешто закрпениот живот на нејзиното полу-распаднато семејство. За жал, таа е обдарена со доблеста „убавина“, последното нешто што би и било потребно во една околина, во која сите посакуваат да останат невидливи. Девојката се наоѓа во зората на едно ново, навидум надежно, поглавје од нејзиниот живот, но нејзините сограѓани, што повеќе би одговарале на соселани, не се воопшто подготвени да и помогнат да тргне напред. Барем не без да плати. Таков е тој свет; лихвари има на секој чекор, за обичните луѓе, тие се и власта и законот и економијата, сите се познаваат меѓу себе, сите си ги знаат мрачните тајни, секој се обидува да си го обезбеди патот до сопствената егзистенција, во суровите услови на таа урбана, бедна, џунгла.
Најиронично е тоа што додека таа, како и секој, бара само некој на кој ќе може да му верува, бегајќи од страшната сенка на нејзиниот уапсен татко, кој ја продавал на мажи, а се изживувал и врз нејзините браќа, несвесно запаѓа во канџите на луѓе што исто толку се обидуваат да ја искористат и изиграат. Нема никој чист, никој чесен во нејзината околина – оној што најмногу и помага, Мајки, на крајот станува нејзин мачител, а нејзината единствена другарка, Рејчел, се разоткрива како огорчената, мизандрична ќерка на Мајки, која сака да се одмазди на „неговите млади мивки“ за тоа што тој ја напуштил нејзе кога и бил најпотребен.
Интересно, овие контрадикции се изразени и на визуелен план – начинот на снимање е неконстантен и камерата варира од нестабилизирано следење на протагонистите, преку дефокализирани кадри(во кои се слуша одвивањето на дејството некаде надвор од кадарот, додека тој е празен), до кинематографски минималистичките, широки кадри од ликовите во статични позиции, или од дивите, валкани, пејзажи на напуштените индустриски зони, во кои се одвива дејството. Паралелно на ова, музиката во филмот е константна и по стил, алтернативна, па предизвикува хипнотизирачки, меланхолични, заморни чувства кај гледачите. На моменти се засилува, на моменти се стишува, но жанровски останува доследна. На ниво на атмосфера, филмот успешно ја доловува монотонијата на секојдневието и ги дозира реакциите на секојдневните проблеми.
Тие реакции на актерите, всушност, го водат овој филм. Двете девојки, Шели(Лорен МекКвин) и Рејчел(Броган Елис), неретко одблиску прикажани, феноменално ги доловуваат комплексните емоции што нивните ликови би ги чувствувале и ја проектираат нивната меѓусебна опозитност и непријатност. Посебно е впечатливо тоа што актерската игра, искомбинирана со сите дополнителни ефекти, кулминира во филм во кој речиси и да нема кулминација – а таа  кулминација, која што се јавува при крајот, е дозирана, минимално засилена и, сепак, нереализирана.
Можеби единственото нешто што во овој филм не одговара, е она што следува по таа пара-кулминација, епилогот, кој прикажува некаква состојба на идилична смиреност и усреќување на ликовите, забележана и по промената на тонот во самиот филм. Перипетијата е прескокната и на нејзино место се јавува некаква форма на deus ex machina, која „волшебно“ ги решава штотуку „изострените“ шилци во карактерните црти на ликовите, кои завршуваат сите изиграни меѓусебе. Така, по крајот, и ние, гледачите, можеби ќе се чувствуваме изиграни од нив.

Автор: Сашо Пшенко

Победничка филмска критика на Фестивалот за европкси филм „Синедејс“

Слични содржини