Кривична против тројца скопјани за разбојништвo

од desk2

Против тројца скопјани е покрената кривична пријава за „разбојништво“, „поттикнување“, „прикривање“ и „помагање“ со што се стекнале со противправна имотна корист од околу 275.770 денари.

Кривичната пријава е покрената против С.С. (34), Б.Т. (60) и О.В. (32). Против С.С. постојат основи на сомнение дека извршил четири кривични дела „разбојништво“, против Б.Т. дека извршил по четири кривични дела – „поттикнување“, „помагање“ и „прикривање“, додека против О.В. дека извршил по едно кривично дело „помагање“ и „прикривање“.

Полицијата денеска соопшти дека од страна на судија на претходна постапка на С.С. му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, додека Б.Т. е во бегство.

Првото кривично дело С.С. го извршил на 7 декември 2016 година околу 16:30 часот врз основа на претходен договор со Б.Т. на кого му должел пари. Двајцата се договориле С.С. да изврши разбојништво и откако ќе го стори тоа, да го извести Б.Т. за да му ги врати парите кои му ги должел. С.С. разбојништвото го извршил во продавницата на „Европа“ лоцирана во кругот на фабриката каде влегол маскиран и со закана со пиштол одзел 45 илјади денари од вработената. Додека ги собирал парите од касата, ја принудил вработената да влезе во помошната просторија и ја заклучил во тоалетот. Откако ја извршил кражбата, му се јавил на Б.Т. и му дал 30 илјади денари, а останатите 15 илјади денари ги задржал за себе.

Второто кривично дело, С.С. го извршил по два дена односно на 9 декември 2016 година околу 19:45 часот по претходен договор со второпријавениот и третопријавениот О.В., кој бил сопственик на објектот во која била сместена обложувалницата „Спорт Лајф“ лоцирана на ул. “Благоја Стефковски“. С.С. ја извршил кражбата така што откако од обложувалницата излегол О.В., тој влегол со маска на главата и со закана со пиштол од вработените одзел околу 177.200 денари. По извршената кражба, телефонски му се јавил на О.В. на кого му кажал дека ќе му даде пари, а потоа се јавил и на Б.Т. со кого заминале за Куманово каде во една менувачница купиле 2.000 евра. Б.Т. земал 1.300 евра, а С.С. ги задржал останатите пари.

Третото кривично дело го извршил на 12 декември 2016 година, откако претходно Б.Т. го известил дека постојат услови за да влезе во аптеката „Алпи Фарм“ бидејќи во моментот немало никој. С.С. на ист начин како и претходните разбојништва, со закана кон вработената одзел околу 30 илјади денари.

Четвртото кривично дело С.С. го извршил истиот ден околу 20:30 часот во спортската обложувалница „Спорт Лајф“ на улицата „Кузман Јосифовски – Питу“. Од обложувалницата украл околу 23.570 денари. Утредента го повикал Б.Т. и од двете извршени разбојништва му дал 200 евра, додека останатите пари ги задржал за себе и ги трошел за лични потреби.

По преземените мерки и активности од страна на полициските службеници утврдено е дека како можен сторител на сите четири кривични дела е С.С., а како соизвршители, помагачи и поттикнувачи се Б.Т. и О.В. На информативен разговор е повикан О.В. кој во целост ја признал неговата улога и инволвираноста во кривичните дела.

С.С. бил подолго време недостапен, а со цел да не ја напушти државата распишан е локален и централен распис и на 11 овој месец е пронајден и лишен од слобода. Тој во целост ги признал делата појаснувајќи дека за сите кривични дела поттикнувач и помагач бил Б.Т., а О.В. учествувал само во организирање и прикривање на кривичното дело извршено во спортската обложувалница за што побарал пари во вредност од 300 евра.

Слични содржини