Кривични пријави за двајца поранешни директори на Агенцијата за филм

од desk2

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава за „несовесно работење во службата“ против поранешните директори на Агенцијата за филм на Република Македонија, Дарко Башески и Мими Ѓоргоска Илиевска.


– Пријавените Д.Б. и М.Ѓ.И. како директори на Агенцијата за филм на Република Македонија за период од 07.08.2014 до 31.12.2016 година искористувајќи ја својата службена положба со пропуштање на должен надзор очигледно несовесно постапиле во вршење на своите службени овластувања и должности, спротивно на член 12 став 1 алинеи од 1 до 7, член 13 став 3 и член 18 став 1 алинеја 7 од Законот за филмска дејност, не изготвиле Решенија за утврдени надоместоци кои Друштвото за трговија и услуги „ТОТАЛ ТВ“ ДОО Скопје било должно да ги пресмета и уплати како обврзник кон Агенција за филм на Република Македонија, а врз основа на остварени приходи од вршење на дејност во период за период од 2014 до 2016 година, се наведува во соопштението од Финансиската полиција.

Надоместокот, како што посочуваат, е по основ на обезбедување пристап до интернет и тоа стапка од еден отсто од вкупни годишни приходи во износ од 289.847.400 денари од вршењето на дејноста кои ги остварило Друштвото „ТОТАЛ ТВ“ ДОО Скопје.

На тој начин пријавените поранешни директори не изготвиле Решенија за утврдени надоместоци и не повеле правни постапки, со што му овозможиле Друштвото „ТОТАЛ ТВ“ ДОО Скопје да се стекне со противправна имотна корист 2.898.474 денари, оштетувајќи ја Агенцијата за филм на Република Македонија.

Слични содржини