Кривичниот совет денеска ќе решава по жалбата на СЈО за притворот на Кочан

од Vladimir Zorba

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 денеска ќе решава по жалбата на Специјалното јавно обвинителство против одлуката на судијата на претходна постапка да не му биде одредена мерка притвор на бизнисменот Сеад Кочан, кој е првоосомниочен во случајот „Труст“, дознава „Мета“.

Од СЈО потврдуваат дека рочиштето е закажано за денеска во 11 часот. Аргументите на СЈО дека е неопходно да му се одреди мерка притвор на Кочан ќе ги застапуваат обвинителите Гаврил Бубевски и Артан Ајро, додека на спротивната страна е адвокатот на бизнисменот, Никола Додевски.

Инаку, судијата на претходна постапка во четвртокот донесе одлука на Кочан да не му биде одреден притвор, туку тој да се брани од слобода со гаранција од околу 900.000 евра, да му биде одземен пасошот и обврска еднаш неделно да се јавува во судот.

Кривичниот суд по втор пат одлучува за притворот на Кочан, бидејќи претходните одлуки на судот и на Апелацискиот суд, со кои му беше одреден притвор на бизнисменот, беа укинати од Врховниот суд и предметот беше вратен на повторно одлучување/META

Слични содржини