Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, составен од тројца судии, најдоцна до утре попладне треба да донесе одлука по жалбите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на решенијата на судијата на претходна постапка кој ги одби барањата за притвор на осомничените во акцијата „Титаник“.

sud-osskopje1

Како што потврдуваат од судот за „Мета“, вчера пристигнале и жалбите на одлуките на судијата на претходна постапка за поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, генералниот секретар на владата, Кирил Божиновски, и за уште три лица, за кои СЈО отвори истражна постапка. Со ова почнал да тече рокот од 48 часа во кој кривичниот совет на судот треба да се изјасни дали ќе ја потврди одлуката на судијата на претходна постапка или, пак, ќе донесе одлука каква што бара специјалното обвинителство, односно притвор.

– Од вчера е комплетиран предметот кај Кривичниот совет и од вчера тече рокот од 48 часа во кој советот треба треба да донесе одлука – велат од Основниот суд Скопје 1 за „Мета“.

Во саботата минатата недела, СЈО до судот ги достави жалбите за одбиеното барање за притвор на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко и на уште две лица, кои во петокот беа на распит во Кривичниот суд.

Доколку Кривичниот совет донесе одлука да им одреди притвор на осомничените, тогаш тие, според Законот за кривична постапка, преку своите адвокати имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје.

За поранешните министри, генералниот секретар на владата, градоначалникот, неколку членови на општински изборни комисии и за судии во Управниот суд, СЈО отвори истражни постапки за злосторничко здружување, повреда на избирачко право, повреда на слободата на гласање, поткуп и за уништување избирачки материјал.

 

META

Слични содржини