Кривичниот суд сè уште нема одговор: Колку време ќе трае постапката за прибирање на документите за барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошкоски

од desk4

И по пет дена откако Министерството за правда побара надлежниот суд во земјава да ја достави потребната документација за екстрадицијата на Грујевски и Бошкоски од Кривичниот суд сè уште нема одговор. Од таму не наведуваат ниту колку време ќе трае постапката за прибирање на документите кои ги бара правда, информира ТВ24.

„Барањето преку Апелациониот суд е доставено до Основниот суд Скопје 1. Истото е дадено во работа на Кривичен совет од одделението за организиран криминал кој постапува по истото. По донесената одлука јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Кривичен.

Министерството за правда уште во петокот го достави барањето за комплетирање на документацијата за екстрадиција. Притоа, надлежниот суд е упатен на одредбите од

Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, Конвенцијата помеѓу Федеративна Народна Република Југославија и Кралството Грција за заемните правни односи од 1959 година преземена како републички пропис со чл. 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија и Европската Конвенција за екстрадиција со дополнителните протоколи.

За поранешниот началник на Петата управа Грујевски и неговиот колега од УБК Бошкоски определен е притвор на барање на СЈО како обвинети за предметот „Тврдина Таргет“.

Според Законот за меѓународна соработка во кривичната материја кога против лицето чијашто екстрадиција се бара во тек е кривична постапка пред домашен правосуден орган, домашниот правосуден орган до Министерството доставува:

Член 76, Законот за меѓународна соработка во кривичната материја

официјално барање за екстрадиција;
наредба за спроведување на истражна постапка;
обвинителен предлог или обвинителен акт;
решение за притвор;
наредба за издавање меѓународна потерница и
извод од текстот на Кривичниот законик на Република Македонија.
Но, Грујевски е обвинет и во предметот „Тврдина 2“ кој е во тек а во кој сведок на СЈО е неговиот колега Бошкоски. Грујевски освен за прислушувањето е обвинет и за набавката на опремата за прислушување.

Според законот ако против екстрадираното лице подоцна се дознае дека се во тек и други кривични постапки домашниот суд може до Министерството дополнително да достави барање за екстрадиција заедно со изјава на записник на екстрадираното лице.

Македонија и Грција досега имаат искуство во екстрадицијата. Грција и има испорачано на земјава дилер на дрога дел од т.н Франкфурт мафија, додека земјава и го има испорачано на Грција Макис Псомијадис, сопственик на фудбалски клуб обвинет за местење натпревари.

Слични содржини