Кучињата скитници напаѓаат, како до систем за превенција и отштета

од Vladimir Zorba

  Состојбата со кучињата скитници во главниот град станува се поалармантна, реагираат жителите кои се загрижени за своето здравје и безбедност. Петмина Скопјани изминатиот викенд во полиција пријавиле дека биле нападнати и каснати од кучиња скитници. Двајца мажи биле напaднати во општина Центар, а три жени на улицата „Лука Геров“ во скопската населба Даме Груев.

Кој ќе ви плати отштета ако ве касне куче скитник?

Град Скопје и „Kомунална хигиена“ исплаќаат отштета на граѓани што биле каснати од улични кучиња и кои потоа тужеле на суд и добиле надомест на штета.

Против Град Скопје за последниве две години по основ надомест на штета поради каснување од куче има поднесено 68 тужби. Тужбите се засновани врз основа на член 10 од Законот за Град Скопје и член 28 од Законот за заштита и благосостојба на животните.

-Висината на оштетните надоместоци, утврдена низ судска постапка, се движи меѓу 60.000 и 180.000 денари, во зависност од возраста, степенот на повредите, последиците од нанесените повреди на оштетените од бездомните кучиња. Вкупни се отворени 68 постапки , некои се веќе завршени, а некои се во тек и многу тешко е да се дефинира точно колку се исплатени оштети по овој основ, информира Град Скопје.

Стручната помош најважна при каснување од куче

Инаку, токму викендот на Универзитетскатата клиника за инфективни болести и фебрилни состојби биле примени 17 пациенти, кои биле каснати од куче. Повредите на пациентите не биле витално загрозувачки и тие биле третирани по протокол за превенција на болеста беснило. Терапијата која најчесто ја примаат пациентите каснати од куче опфаќа постапки, таканаречени постекспозициски, за да се превенира болеста беснило: хируршка обработка на раната, пасивна имунизација (хуман антирабичен имуноглобулин), активна имунизација за беснило со примена на вакцина по одреден редослед, антитетанична профилакса (во зависност од вакцинален статус на пациентот за тетанус).

-Пред започнување на антирабична профилакса треба да се добијат следниве информации: дали има угриз и каде е лоциран, од кое животно е нанесен угризот (куче, маче, лисица, крт, лилјак, дали животното е испровоцирано, дали е вакцинирано, каква е епизоотската состојба за беснило во регионот, дали животното е познато и дали е достапно за тестирање и опсервација од страна на ветеринарна служба, појаснуваат од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Надлежните се обидуваат да го решат проблемот со кучињата

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на почетокот на мандатот го посети стационарот за хуман третман на уличните кучиња „Вардариште“ заедно со преставници од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“. Целта беше да се дојде до оптимално решение за посовремен и похуман начин на згрижување на овие животни. Во текот на декември минатата година беше изготвен извештај и во моментов се работи на создавање правни претпоставки за можно реализирање на дел од заклучоците и нивно преточување во конкретни проекти.

Според градските власти, најголемата придобивка од изготвувањето на овој документ е продлабочувањето на соработката со невладините организации и фондации со цел да се подобрат условите за животните, но и да се заштити здравјето на граѓаните.

Град Скопје во однос на бездомните кучиња програмски реализира активности преку ЈП „Комунална хигиена“ во специјализираната служба во стационарот „Вардариште“ за што се издвојуваат посебни средства во буџетот или околу седум милиони денари. Средствата кои се издвојуваат се наменети за хуман третман на животните, што е преземено и имлементирано од Законот за благосотојба на животните и го опфаќаат заловувањето, згрижувањето и ветеринарниот третман на „Вардариште“ и финално враќање на заловените животни на просторот од каде што се подигнати.

– Во случаи со каснување на граѓани, ЈП „Комунална хигиена“ постапува веднаш по добиената дојава и има ингеренции на терен да ги залови кучињата што нападнале. Кучињата се заловуваат од страна на специјализирана и обучена Служба за хуман третман и контрола, по што се транспортираат во стационарот „Вардариште“, каде што од страна на Претпријатието е ангажирана ветеринарна екипа за процена и третман на заловените животни. Со ваквите кучиња што веќе докажано претставуваат опасност за безбедноста на граѓаните, односно се прекумерно агресивни, ветеринарната екипа пристапува кон нивно еутаназирање, изјави стручниот соработник за односи со јавност во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје Ана-Марија Бранѓолица.

Таа напомена дека во стационарот се еутаназираат само и исклучиво заболените кучиња како и прекумерно агресивните кучиња кои доколку се вратат на улиците, ќе претставуваат опасност за безбедноста на граѓаните.

– Останатите кучиња што се заловуваат, доколку не се прекумерно агресивни или болни, се подложуваат на третман на стерилизација, се прочистуваат од внатрешни и надворешни паразити, се вакцинираат од беснило и се задржуваат околу десетина дена, а доколку за тоа време не бидат вдомени, овие животни се враќаат на изворната локација, рече Бранѓолица.

Сите заинтересирани граѓани можат да го посетат Стационарот и да си одберат куче за вдомување. Кучињата на граѓаните им се отстапуваат истретирани и вакцинирани и без никаков паричен надомест. Секој граѓанин што вдомува куче е должен да пополни формулар со своите податоци и се обврзува да биде одговорен сопственик, почитувајќи ги постоечките закони. Лани биле заловени 1.500 кучиња, а граѓаните од стационарот вдомиле 160.

Бранѓолица нагласи дека ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје постојано работат на подобрување на третманот на бездомните кучиња, како и на подобрување на условите во стационарот „Вардариште“, во секој поглед.

-Во текот на 2016 година се направени нови 50 бокса (наменети за по едно куче), спуштен е плафонот, сменета е електричната инсталација, изведена е вентилација и изолација, спроведено е парно греење со посебна потстаница, објектот е варосан, инсталирано е внатрешно и надворешно осветлување, поставени се херметички врати и прозорци. Со реновирањето на објектот ќе се продолжи и во текот на 2018 година, за што веќе се предвидени и одобрени средства, а во план е и набавка на ново возило за заловување и транспорт на бездомните кучиња, истакна Бранѓолица.

Ветеринарната комора инсистира на хуман третман и на хумано решавање на проблемот, кој го лоцира во неодговорно сопствеништво. Сопствениците имаат законската одговорност да го чипираат миленичето, која важи уште од 2013 година.

-Проблемот мора системски да се решава зошто кучињата-скитници се резултат на несоодветно сопствеништво. Потребно е да се вклучат општините и државата преку соодветни мерки. Прво треба да има идентификација и регистрација на сите домашни миленици и да се создаде база на податоци, истакна претседателот на Ветеринарната комора Томислав Николовски.

Со ист став е и Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“. Според нив, за да се реши проблемот со уличните кучиња неопходна е регистрација на домашните миленици со чипови, масовна стерилизација на уличните животни и многу е важно потоа кучињата да не се разместуваат на различни локации.

– Агресијата се намалува со стерилизација и не се поттикнува ако кучето е во позната средина, објасни Наталија Миленкова од „Анима Мунди“.

Таа потенцира да не се фрла вина врз животните зошто во најголем број на случаи нивното однесување е резултат на човечката негрижа и несоодветното однесување кон нив.

„Анима Мунди“ нагласува дека од вкупниот број на напади, поголем број припаѓаат на домашните миленици.

Граѓаните и институциите се согласни дека кучињата не треба да бидат на улица. Одговорноста не треба секогаш да се префрла само на државата, потребно е подигање на јавната свест со кампањи и санкционирање на неодговорните сопственици.

Магдалена Ристоманов   МИА

Слични содржини