И во оваа пригода морам повторно да се навратам на очајот на Грујовата пропагандна машинерија…

На почетокот смислија план дека ќе го „претркаат“ опозиционерското објавување на скандалите со прислушувањата со тоа што ќе направат компликувана и тешко веројатна сторија за странска sasoслужба која, во паралелна операција со домашна шпионска мрежа, го стимулирала „предавникот Заев“, за туѓи и антимакедонски интереси, да го бламира Груевски и да се обидува да изврши насилен преврат во државава. Туц-муц, трт-мрт, премиерот се потеше и пелтечеше на две прес-конференции, странска служба (дури и ако ја има!) не се разоткри, а целата прикаска така се распадна, што денес и еден Латас има проблем пропагандно да ја состави. Уплашени од она што ги чека, Заев не се осмелија да го уапсат. Од Обвинителството, сироти, притиснати од „началникот“, се обидуваат да вадат трња од да-не-кажам-што, во надеж дека, ако доволно кочат во „истрагата“, власта самата ќе се сруши пред тие да мораат да прават работи заради кои подоцна ќе шират долгогодишни познанства и пријателства во Шутка и Идризово.

Ни пуштените снимки на јутјуб, продуцирани од Кабинетот на премиерот, значително не помогнаа во замајувањето на јавноста за тоа кој и што е во суштината на мегаскандалот. Напротив, само дополнително се искомпромитира позицијата на Зврлевски чијшто наследник ќе мора да утврди од каде се излезени тие законски заштитени правосудни материјали во јавноста.
Потоа пропагандистите направија еден млак обид да смислат некакви „македонски анонимуси“ кои ќе им отвореа канал, од огромната „библотека“ тајни снимки, да објавуваат евентуални компромитирачки прислушувани разговори од актерите на опозицијата во надеж дека со тоа ќе го компензираат растечкиот скандал од содржината на сопствените објавени телефонски разговори. Уште не ни тргнаа, акцијата некој ја стопира, веројатно сфаќајќи дека она со што располага опозицијата како прислушувани материјали е афера со политички потенцијал на нуклеарна бомба, во споредба со можните телефонски компромитации на опозиционерите кои изгледаат како новогодишна петарда-зезалица изработена во уредите на г-ѓа Јанкулоска. Тоа е жената што своерачно, по мобилен, управува со македонската владина верзија на крузерот „Коста Конкордија“ кој е веќе запловен накај плитките води на Тосканскиот архипелаг.
ДОМОБРАНИ-ДОБЕРМАНИ
Откако пропадна и тој обид, ги активираа „јагнешките бригади“ на домобраните (или доберманите?) кои шетаат низ Македонија и колнат по Заев како баби-нарикачи на погреб, здодевни и на себе и на довлечканиот народ по салите – осиромашеното граѓанство и сељаштво, после два-трите први редови вмровски локални функционери, едвај чекаат и тој циркус да заврши за да си одат по дома и повторно да фатат некој канал кај што се репризираат снимките од Гоца, Ставре, Миле, „началникот“ и другарчињата. „Прислушувањава се подобри од турска серија!“, ми вели еден познајник кој некни, по список, морал да присуствува на домобранскиот собир во скопската спортска сала „Расадник“. „Атмосферата беше како на парастос: повеќе ентузијазам сум видел при прскање против комарци! Сите беа уморни, издишани, едвај понекоја рака ќе плесне, на луѓето им е веќе збоктисано од тоа со инка да им тураат во главата што да мислат.“
Последниот генијален план, смислен од врвните безбедносни и партиски хохштаплери на власта, е сега да се апси Заев по сценариото на местенката на Љубе Бошкоски. Демек, само што не го фатиле Заев дека бара поткуп од 200 илјади евра од „озвучен“ локален струмички бизнисмен, со што би се докажало дека Заев е морално руиниран политичар од најдолен вид на кого ни Протоѓер, Божиновски и Јанакиески заедно не можат да му се фатат по расипаноста! …Овој план на власта, со извинение, не успеа ни да прдне – засмрде како пувеж во преполн автобус и се изгуби во жагорот на вмровскиот телефонски сообраќај. Патем, со тоа посредно се докажува дека целата тековна пародија со истрагата за шпионажа против Заев е толку правно и политички неиздржана, што Груевски мора да се спасува со репризи на полициски местенки кои уште во случајот на Бошкоски делуваа и тажно и мизерно (а сега, откако ги ислушавме „началникот“ и Латас, знаеме и зошто).
Епизодата, пак, со Амди Бајрам – кого „го натепале телохранителите на Заев на разминување во ГТЦ“, ама, всушност, не го натепале – не треба ни да се спомнува. Човекот е под таков стрес, што не може да биде одговорен за своите постапки, бидејќи во моментов мислам дека е тој единствениот поуплашен човек во Македонија од самиот Груевски!
ДО НЕДЕЛА НА ПОЛНОЌ
Значи, сега, што е следното? Се сетиле: да се прави голем вмровски митинг в недела во Скопје!
Добро. Знаеме како изгледа кога државата организира митинзи: ќе биде масовно, ќе има знамиња, автобуси, сендвичи и извезени лавчиња на капи и шалови. Некој ќе ја отпее химната (во која Македонија, замислете, е земја на слободата!); разноразни коалициски партнери ќе се сликаат со Грујо (иако, всушност, ќе биде поважно да се види кој ќе отсуствува од првите редови); Заев и СДСМ колективно ќе бидат плукани и колнети; вработувањата знаеме дека се најголеми во историјата на Македонија, а ќе се најават и уште десетина сигурни странски инвестиции. Грујо ќе одржи уште еден говор за работливоста, честа и љубовта кон народот и природата, во кој ќе има лош хумор, притаени и отворени закани, поименични прозивки на предавници и соросоиди и повик да се спасува Македонија со единство и патриотизам! Јавните настапи на Грујо одамна наликуваат на лажните барокни фасади од стиропор – на прв поглед монументални, а се рушат ветер да ги дувне! Можно е лидерот на бината да произведе и некаков евтин план, некое палп-фикшн сценарио на кое и Квентин Тарантино би му позавидел, што ќе звучи самоуверено, победнички, и ќе биде земи-или-остави последна понуда до опозицијата… Или, ако одбие, Заев има да му ја мисли, „според Уставот и законите“!
Тоа сѐ, уредно и екстензивно, ќе биде пренесено на државните телевизии Сител, Канал 5 (ако сопственикот не си ја исклучи струјата) и Алфа. И МТВ ќе биде објективна и професионална во известувањето, како што со години сме навикнале.
Потоа донесените од провинцијата, пред да им тргнат комбињата и автобусите за назад, ќе останат на малку „перење очи“ во Сити мол (купување нема, скапо е!); некои други ќе завршат во кафеани со пеење комитски и српски турбо-фолк песни; а раководството, откако ќе се ислика заедно (можеби за последен пат!?), ќе се врати по дома за да си ги масира вкочанетите усти од присилното целовечерно смешкање наоколу, иако на некои што ја разбираат целата состојба повеќе им се плаче, одошто што им е дојдено до смеење.
Добро. Тоа ќе биде в недела, некаде до полноќ. Што правиме в понеделник?
ТЕСЕН ЧАМЕЦ, ДАВЕНИЦИ МНОГУ
Од понеделник работата ќе продолжи каде што застана во петок. Прво, Ставрески ќе земе нов заем од стотина милиони евра за да може да ја финансира државата до среда. До вторник ќе претстават некој нов фиктивен странски инвеститор и ќе вработат уште 500 напатени души во некои државни јасли. Груевски ќе отвори уште некој новоизграден тениски терен, а половина од министрите ќе продолжат да „гаснат пожари“ низ ресорите што ги водат, со надеж дека ќе издржат и до следниот петок без да мораат да поднесат оставка, иако таа работа требаше да ја завршат најдоцна пред пет-шест месеци, ако не и години. Никој од нив јавно нема да има коментар за најголемиот политички скандал во демократска Македонија, како што децата кога ќе затворат очи и уши мислат дека тоа што не го гледаат и не го слушаат – не се случило!
Но, и на Груевски, во моментите на луцидност, веројатно му е јасно дека вака работите повеќе нема да може да одат. Заев и СДСМ му го искршија во парампарчиња огледалцето коешто, секое утро запрашано кој е најубав во државата, со години му викаше: „Само ти, Грујо, и никој друг!“ Од меѓународната заедница добива шлаканици и на јавна сцена, а којзнае колку се непријатни и студени разговорите со странските претставници кои во него веќе гледаат „политички мртовец“ кому треба за што поевтини пари да му се организира политичкиот закоп. Државната администрација со месеци е во „лер“, нејзе нема да ѝ биде првпат да преживее уште една промена на власта. Партијата му наликува како од најлошите времиња на ДПМНЕ, пред распадот и заминувањето на Љупчо Георгиевски од неа, кога секој се проектира себеси во иднината без Грујо како партиски лидер во неа. Во секоја канцеларија се кове нов заговор, а ситните и покрупните „вратки“ веќе се ставени на ладење – како што е познато, одмаздите секогаш се сервираат студени.
Владата на Груевски веројатно нема повеќе од неколку недели на располагање по разните министерства, управи и дирекции да уништи документи, хард-дискови и други докази што уште можат да се уништат. Сигурен сум дека многумина, пред да уништуваат, прво ќе копираат и фотокопираат, ако тоа досега веќе не го направиле. Не знае човек кога и за што може да му притреба туѓата компромитација. Па, во оваа власт и кумовите и баџанаците меѓусебно се прислушувале, па што остана за некакви државни советници, заменици министри, помошници директори и стручни соработници?!
Самиот Груевски веќе ја прави математиката без кого во највисоките кругови на власта може и со кого нема да може – чамецот е тесен, некои давеници ќе мора сами да се снаоѓаат. И мислам дека идејата за некаква преодна влада од понеделник ќе му звучи сѐ поприфатливо, доколку успее гаранциите што ќе му бидат понудени добро да ги договори. Верувајте, неговата политичка кариера е завршена, преостанува само уште како да се изведе заминувањето од власта да изгледа пригодно и свечено. Како неговите барокни фасади од стиропор.

Сашо Орданоски

Објавено во „Слободен печат“

Слични содржини