Курдите се подготвуваат за референдум, Анкара бесна: За тој авантуризам ќе мора да платите

од desk3
Планираниот референдум за независност, закажан за 25 септември на северот на Ирак е   “ужасна грешка” која ќе предизвика нова криза во регионот доколку не се откаже, изјави портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин. Претходно се огласи и турскиот премиер Бинали Јилдирим кој референдумот го нарече “авантуризам кој ја загрозува Турција”.
– Доколку референдумот не се откаже, ќе има сериозни последици, Ербил мора веднаш да се воздржи од оваа ужасна грешка која ќе предизвика нова криза во регионот – напиша Калин на Твитер.

Јилдрим референдумот на Курдите во Ирак го нарече  “погрешна одлука” и додаде дека ќе  “платат оние кои ја донеле таа одлука”,  објави турската агенција Анадолија.

– Со нашите 80 милиони граѓани и  780.000 квадратни километри татковина, никогаш нема да толерираме каков било авантуризам кога е во прашање безбедноста на земјата или просперитетот на нашиот народ. Турција како соседна земја од почетокот предупредуваше на пријателски начин. Сепак, гледаме дека не се осврнуаат на нашите предупредувања – рече Јилдирим на новинарите во провинција Киршехир во централниот дел на Турција.

Турската војска соопшти дека започнала ненајавени вежби во близина на границата со Ирак, додека полуавтономниот курдски регион на северот на Ирак се подготвува на референдум за независност. Војската на Турција не наведе детали за вежбата, но соопшти дека антитерористичките операции ќе бидат продолжени во тој регион.

Турција се бори против курдските бунтовници и се противи на намерите на ирачките Курди да се изборат за независност, повикувајќи ги курдските лидери да се откажат од референдумот кој е најавен за 25 септември.

Ирачките Курди во понеделник ќе гласаат на референдум за независност, кој не ги признаваат ниту Багдат ниту меѓународната заедница.

 

Слични содржини