Да се изнајде решение на тешки прашања кои ги покренуваат темите на правична дистрибуција на ресурсите, државите формираат посебни тела, комитети, форуми во кои членуваат луѓе од различни профили. Тоа може да се лекари, но неопходно е да има и економисти, филозофи, етичари или како што во литературата се нарекува разумни луѓе. Комисиите кои се составени само од лекари не се во можност да донесат одлука која ќе ги опфати сите елементи на комплексноста на одреден случај.

Тоа го порачува м-р Владимир Лазаревиќ, поранешен заменик-министер за здравство и основач на меѓународниот интернет-проект „Healthgrouper.com“, во колумната објавена на „Фактор“.

Потсетувајќи се на трагичниот случај на 9-годишната Тамара Димовска од Велес која почина од последици предизвикани од нејзината сколиоза, за која не беше обезбедена навремена операција во странство, Лазаревиќ вели дека во сите здравствени системи мора да се носат болни одлуки и дека не може сите да преживеат.

„Pаспределбата на средствата кои се наменети за здравјето и здравството во светот инспирира бурни и тешки етички, филозофски и економски дебати. Што е фер, кој е најдобриот пристап, која е и дали животот има цена, како на сите да им се овозможи правичен удел, како на сите да им се дадат подеднакви шанси? Во литературата, но и во праксата се опишани повеќе пристапи преку кои државите настојуваат да воведат правичност и да ги намалат нееднаквостите кои се однесуваат на распределбата на средствата во здравството. Суштината која ги покренува овие дискусии е дека ниту една држава во светот не може да обезбеди доволно средства за да ги покрие сите трошоци поврзани со лекување, терапии, интервенции, операции, рехабилитации и останати здравствени потреби на своите граѓани. Речиси сите држави се соочуваат со најтешкото прашање и одлука, кога и како да се каже не? Во здравството НЕ се вика рационализацијата на средствата. Во праксата тоа значи дека некоја терапија нема да се одобри, нечие лекување нема да се плати, нечиј живот пред време ќе биде скратен. Овие дилеми и етички проблеми претставуваат огромен предизвик за речиси сите здравствени системи. Во најголема мера на притисок се изложени фондовите за здравство кои во основа располагаат со средствата и чија основна задача е како да ги распределат парите за да на сите им се понуди она што им е најпотребно. Од друга пак страна, како контрапункт се јавува гласот на јавноста, во случаите кога преку медиумите се запознава со одредено лице со име и презиме и тогаш притисокот се зголемува и се бара секому да му биде платено се. Секој да добие тоа што го бара. Ако станува збор за детенце за чие лекување е потребно да се обезбедат пари со што ќе се покријат трошоците за лекување во странство, да се обезбедат. Ако е потребно да се обезбеди терапија за лицата кои боледуваат од ретки болести, да се обезбеди. Но што се случува со тие случаи кои не можат да се појават на телевизија? Што се случува со тие семејства кои не биле во можност или не сакале нивниот проблем да го изложат во јавноста? Тие заминуваат нечујно, заминуваат тивко“, порачува м-р Лазаревиќ, велејќи дека одговорот на прашањата е комплексен, а притоа мора да се земат предвид многу фактори, кои не може да ги решаваат само лекари, туку и економисти, етичари, филозофи…

Слични содржини