Леонардо да Винчи, сликар, вајар, архитект, инженер, пронаоѓач и мислител…

од Vladimir Zorba

На денешен ден 26 април 

 

1452.- Роден е италијанскиот сликар, вајар, архитект, инженер, пронаоѓач и мислител Леонардо да Винчи. Направил релативно мал број слики, од кои најзначајни се „Мона Лиза“, „Богородица во пештера“, „Света Ана“ и „Тајната вечера“. Ниту едно негово вајарско дело не е сочувано. Тој се интересирал и за природните науки – физика, астрономија и хемија. Го напишал „Трактатот за сликарството“.

1532.- Напредувајќи кон Виена, турската војска под команда на султанот Сулејман II навлегла во Унгарија.

1573.- Родена е француската кралица од италијанско потекло Марија де Медичи, која по смртта на кралот Анри IV во 1610 година управувала со земјата како регентка со синот Луј XIII.

1607.- Капетан Џон Смит во Кејп Хенри, Вирџинија, ги довел првите колонисти, кои  ја основале првата постојана британска населба во Америка.

1711.- Роден е шкотскиот филозоф, економист и историчар Дејвид Хјум, кој го издигнал емпиристичкото филозофско мислење во Англија. Дал значителен придонес на критичката филозофија на Имануел Кант и влијаел на позитивната и логистичко-емпиристичка филозофија. Претходник бил на класичните англиски економисти и творец на квантитативната теорија за парите. Дела: „Расправа за човечката природа“, „Политички расправи“, „Истражување на принципите на моралот“, „Историја на Англија“, „Мојот живот“.

1731. – Починал Даниел Дефо, англиски автор, новинар и памфлетист, кој стекнал трајна слава за својот роман „Робинзон крусо“. Дефо е значаен бидејќи е еден од најраните поборници на романот,  чија форма помогнал да се популаризира во Британија и дури се смета како еден од основачите на англискиот роман. Напишал повеќе од петстотини книги, памфлети, написи на различни теми (вклучувајќи ја и политиката, криминалот, религијата, бракот, психологијата и натприродното). Тој исто така бил и пионер на економското новинарство. Други негови познати дела се: „Потполковникот Џек“,  „Роксана” и други

1798.- Во Шератон Сен Морис е роден Ежен Делакроа, француски сликар, главен претставник на романтизмот во сликарството. За него славниот уметник Пол Сезан рекол: „Делакроа останува најубавата палета на Франција, сите сликавме според него“. Негови најпознати дела се „Слобода на барикадите“, „Колежот на Хиос“, „Смртта на Сарданепал“ и други. Умрел во Париз, на 13 август 1863 година.

1812.- Роден е германскиот индустријалец Алфред Круп, наречен „крал на топовите“. Управувал со металуршкиот концерн „Круп“ кој од 1847 година почнал да произведува тешки топови. Фабриката „Круп“ и во двете светски војни произведувала тешко оружја за германската војска.

1828.- Русија му објавила војна на Османлиското царство, поддржувајќи ја борбата на Грците за независност.

1865.- Џон Вилкис Бут, убиецот на претседателот на САД Абрахам Линколн, бил убиен од федералните војници, 11 дена по смртта на Линколн.

1889.- Роден е австрискиот филозоф Лудвиг Витгенштајн. Дела: „Филозофски истражувања“, „Филозофски напомени“.

1894.- Роден е нацистичкиот лидер Рудолф Хес, заменик на нацистичкиот водач Адолф Хитлер, кој во мај 1941 година, наводно на своја рака, со авион одлетал во Шкотска со намера кај британската влада да издејствува сепаратистички мир со Германија. Неговиот предлог не бил прифатен и крајот на Втората светска војна го дочекал како заробеник во Велика Британија. На судењето во Нирнберг во 1946 година бил осуден на доживотна робија за воени злосторства. Во август 1987 година се обесил во ќелијата на затворот „Шпандау“ со помош на електричен кабел.

1900.- Во Хамилтон, Охајо, САД роден е Чарлс Рихтер, еден од пионерите на сеизмологијата и творец на скалата според која се мери силата на земјотресот. Умрел во Пасадена, Калифорнија, во САД, на 30 септември 1985 година.

1910.- Умрел норвешкиот писател Бјернштјерн Мартиниус Бјернсон, добитник на Нобеловата награда. Дела: „Среќно момче“, „Татко“, „Стечај“, „Уредник“, „Крал“, „Нов систем“, „Ракавица“, „Арнљот Гелине“.

1915.- Италија тајно го потпишала Лондонскиот договор со Велика Британија, Русија и Франција и во Првата светска војна преминала на страната на силите на Антантата. Притоа и биле ветени Јужен Тирол, Трст, Горица, Истра, поголем дел од Далмација и дел од Албанија.

1937.- По налог на генерал Франко, фашистичките авиони го уништиле шпанското градче Герника и убиле стотина луѓе. Славниот сликар Пикасо го овековечил страдањето на Герника на својата истоимена слика, која стана симбол на борбата против фашизмот.

1942.- Во најголемата несреќа во историјата на рударството, во кинескиот рудник за јаглен во Бенкси, тогаш под окупација на Јапонија, загинале најмалку 1.540 луѓе.

1962.- Во Кејп Канаверал, во САД, лансиран бил првиот меѓународен сателит за телекомуникациски цели, заеднички американско-британски потфат.

1964.- Со обединувањето на Тангањика и Занзибар била прогласена Обединетата Република Танзанија.

1966.- Во ерупција на вулканот Келуд на индонезискиот остров Јава загинале најмалку 1.000 луѓе.

1984.- Умре афроамериканскиот џез музичар Вилијам Бејзи, композитор и водач на оркестар. Во 1937 година го основал оркестарот со врвните музичари, вклучувајќи ги и пејачката Били Холидеј и трубачот Бак Клејтон. Оркестарот набрзо станал најдобриот свинг-оркестар во светот.

1992.- Република Македонија монетарно се осамостоила. Новата македонска валута го добила името „денар“.

1992.- Владата на Република Македонија донесла одлука за признавање на Република Босна и Херцеговина.

1993.- Република Албанија ја признала независноста на Република Македонија.

2008.- Во пожар во фабрика во Казабланка во Мароко, 55 луѓе загинале, а 12 биле тешко повредени. Пожарот изби во приземјето на зградата во моментот кога во неа се наоѓале 60-ина работници, од вкупно 150 вработени во таа фабрика. /MIA

Слични содржини