Левица: Почнува собирањето потписи за истакнување кандидатски листи за пратеници преку групи избирачи

од desk3

Денес почнува собирањето потписи за истакнување кандидатски листи за пратеници преку групи избирачи. Законскиот рок во кој треба да се соберат по 1.000 потписи на граѓани во една изборна единица е 10 дена, до 6 ноември. Доста е веројатно дека ниту една група граѓани нема да пристапи кон собирање потписи. А и да пристапи, мали се шансите дека ќе ѝ успее.

levica-logo-696x437-696x437

Правото на предлагање листи за пратеници од група избирачи, согласно важечката законска регулатива, е сведено на една од „демократските фасади“ на изборниот процес. И претставува еден од редицата примери зошто изборите во Македонија можат максимум да бидат регуларни, но не и фер.

Зошто учеството на избори преку граѓански листи само привидно е рамноправно во однос на учеството преку политички партии? Имајќи предвид дека потребните 1.000 потписи треба да се соберат на ниво на изборна единица, граѓанската иницијатива што сака да учествува во сите изборни единици ќе треба да собере дури 7.000 потписи за да го оствари тоа право. Додека политичките партии, со собраните 1.000 потписи за регистрација, автоматски стекнуваат право да истакнат кандидатски листи во сите изборни единици. Дури и кога една граѓанска иницијатива сака да истакне листа само во една изборна единица, таа е во понеповолна положба во однос на политичките партии. Политичките партии имаат право да собираат потписи од сите граѓани на Република Македонија и тоа во рок од три месеци, додека за истакнување граѓанските листи треба да се соберат 1.000 потписи од шестина од граѓаните на Република Македонија (од тие што живеат во дадената изборна единица) и во доста краток рок од 15 дена при редовни избори и 10 дена при вонредни избори.

Левица смета дека ваквиот „превид“ во изборната регулатива со кои се дискриминира самоорганизирањето на граѓаните и нивното учество на изборите преку граѓански листи – е намерен. И дека е донесен со широк меѓупартиски консензус на досегашните политички партии со цел да го обесхрабрат предизвикувањето на нивниот монопол врз одлучувањето од страна на самоорганизираните граѓани. Исто така, Левица посочува дека намерното хендикепирање на граѓаните што сакаат преку граѓански листи да истакнат свои кандидати на изборите е само мал дел од добро разработениот и сеопфатен систем што елитите во Македонија го имаат инсталирано за да го обесхрабрат или оневозможат учеството на граѓаните во процесите на одлучување.

Левица одлучно застанува против сите механизми што се инсталирани за да го обесхрабрат, отежнат или спречат поголемото учество на граѓаните во процесите на одлучување. Вклучително, Левица изразува презир кон стравот на досегашните политички партии од самоорганизирањето на граѓаните и, кога ќе влезе во Собранието на Република Македонија, ќе предложи измени во Изборниот законик во насока на отстранување на нерамноправниот однос на кандидирањето пратеници преку граѓански листи во однос на кандидирањето преку политички партии. Демократијата е за граѓаните, а не за елитите. Ако е за елитите, тогаш не е демократија

Слични содржини