Лијам Фокс: Транзицијата за Брегзит би можела да трае и две години по напуштањето на ЕУ

од Vladimir Zorba

 

 Британскиот министер за надворешна трговија Лијам Фокс денеска изјави дека по Брегзит ќе бидат потребни уште две гoдини за целосно излегување на Велика Британија од ЕУ и за започнување преговори со други земји за слободна трговија.

Според Фокс, станува збор за двегодишен период на транзиција и на „имплементација на фазите“ откако Велика Британија формално ќе ја напушти Унијата на крајот од март 2019 година.

Тој смета дека ова не е ништо друго освен начин да се создадат потребните услови за да му се помогне на домашниот бизнис за сигурно и непречено работење.

Фокс вели дека нема ништо против создавање транзициски период и ги отрфла како неточни трдењата дека на овој начин се прави пат за да може Велика Британија да излезе од ЕУ, без да постигне договор.

– Секако, Британија ќе може да преживее и без договор со ЕУ за Брегзит, но ние сакаме еден целосен и сеопфатен договор со Унијата, изјави Фокс за Би-Би-Си.

Неговата изјава доаѓа по отворените судири и поделби во Владата околу Брегзит, посебно со министерот за финансии Филип Хамонд и неговите предупредувања дека би било „мошне опасно и тешко за бизнисот и за Британците“, доколку земјата ја напушти ЕУ без да се постигне договор со Брисел

Неколкумина владини министри, меѓу кои и шефот на дипломатијата Борис Џонсон, Мајкл Гоув, Лијам Фокс, па и министерот за Брегзит Дејвид Дејвис, повеќепати досега зборуваа за излез од Унијата и без договор.

Таквата идеја, претворена во закана, ја истакнуваше и премиерката Тереза Меј пред превремените парламентарни избори.

Фокс и припаѓа на групата „тврди“ евроскептици во Конзервативната партија и заговорник за напуштање на ЕУ. Тој ја уверуваше јавноста дека на Велика Британија ќе и биде подобро надвор од Унијата , тврдејќи дека веќе сега земјата има согласност од десетина земји за да почне преговори за слободна трговија.

Меѓутоа, сега тој е многу повнимателен во уверувањето на јавноста, а прифака и транзиција од две години, пред да се отпочне дијалог со други земји за постигнување трговски договори.

Слични содржини