Локално

од Vladimir Zorba

 Во ек е кампања за локални избори. Засега радува фактот што многумина од кандидатите својот акцент во програмите го ставаат на загадувањето со надеж дека тоа не е само декларативно.

Загадувањето, економијата, инфраструктурата и градежништвото во локалните единици се чини дека се фокусот во програмите на повеќето од кандидатите.

Следејќи ја кампањата не може а да не се забележи ривалитетот помеѓу политичките партии околу теми кои не се дел од локалните проблеми кои ги засегнуваат граѓаните.

Но тоа не е голем проблем, проблемот е нешто друго. На шестите по ред локални избори можат генерално да се издвојат три групи на проблеми кои се провлекуваат сите овие години на независност и до сега не се решаваат позитивно.

Проблем со политичкиот систем кој децентрализацијата не ја оствари во целост туку изведе т.н полудецантрилизација. Тоа понатаму имплицира застој или пречки кон остварување долгорочни планови и проекти во развивањето на локалните самоуправи.

Имено модусот на децентрализацијата ваква каква што е во пракса и како што се развива сите овие 26-7 години овозможува делување на еден ист еднонасочен модел од центар кон локалните единици а притоа тие локални единици се доста различни помеѓу себе и имаат различни побарувања и потреби.Така на пример потребите и проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Охрид на локално ниво се различни од потребите и проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Битола.Некои проблематики кои се актуелни во Тетово не соодејствуваат со проблематиките актуелни во Свети Николе или Гевгелија итн.

Дел од локалните единици во Македонија се карактеризираат со различна географска положба,разнолика структура на население по број и етникуми,разни економско-стратешки цели,можности итн.Од ова може да се заклучи дека некои локални единици имаат свој начин и план за развој во многу нешта различен од останатите локални единици.Насушна е потребата од системски измени каде ке се овозможат пообемни и подлабински реформи во законот за децентрализација не само декларативно туку и практично.

Друг проблем кој се јавува и за истиот многу малку се дискутира во јавност е проблемот на скапите и помпезни предизборни кампањи преку кои се мантраат централно-партиските ставови и пароли во однос на конкурентните партии. Се се сведува на предизборни партиски слогани,партиски декор и полни усти фалби со ветувања за постизборен благодет.

Нема потреба од големи партиски митинзи,скапи тв реклами,плакати и билборди на секој чекор со нашминкани лица или делење на пропаганден материјал од врата до врата.Сето тоа е дегутантно,застарено,примитивно и подсетува на неуспесите од минатите години каде се трошеа огромни средства а постизборно е полошо од предизборно.

Локалните избори треба да бидат натпревар на идеи и проекти соодветни за секоја локална единица. Кандидатот треба да обезбеди компјутерска симулација за неговите главни проекти, истите да ги постави на јутуб канал и да ги рашири по социјалните мрежи. Својата програма треба да ја изложи пред заинтересираните граѓани во затворена сала каде треба да ги образложи проектите и да објасни со кои средства тие ке се спроведат во пракса.Така граѓаните ке може да поставува прашања и да носи заклучоци за тоа на кој кандидат да му го доверат градот.

Во капиталистички ориентирано општество знаеме дека ништо не е бесплатно,секој мора да плати па така и сметките од кампањите некој ги плаќа.Обично финансиерите од зад завесата после победа се наградени со тендери и слично за да си ги рефундираат потрошените средства.Тоа е таа магична спрега која од внатре го разорува секој систем и не дозволува исчекор напред кон транспарентна распределба на добрата.

Целосната партизација над се е уште еден проблем кој треба да се решава во иднина. Кандидати кои нешто значат во локалното опкружување неможат целосно да дојдат до израз на локален план без да поминат низ повеќеслојниот партиски филтер кој е теледиригиран од централата.Тоа најчесто зависи од партиската подобност на кандидатот,посветеноста кон центарот,партиската калкулација со останатите коалициони партнери,буџетот,спонзорствата итн.Потоа тој кандидат својата програма и визија треба да ја прилагоди според партиските заложби и цели на делување а во однос на маневарските можности и ингеренции кој секој градоначалник може да ги има со ваков полудецентрализиран систем на наводна децентрализација.

Наметнување на независен кандидат во ваква поставена сцена е практично невозможно. Исклучок е само ако некоја од големите политички партии, според своја пресметка реши да застане зад кандидатурата на независниот кандидат.Друг исклучок е ако независниот кандидат реши да потроши двојно повеќе пари за кампања од големите политички партии што досега не се случило.

Во политичкиот театар партиите се главните актери на сцена,додека ликови кои себе си се декларираат како независни кандидати можат само да играат споредни улоги кои протрчуваат низ сцената брзо и краткотрајно служејки како кванитативен декор.

Партиите го водат главниот збор како на централно така и на локално ниво,без голема партија зад себе било кој кандидат нема практично ни теоретски шанси.Најчесто партиите кои ја држат централната власт го диктираат и темпото на локалните избори.Општините кои би избрале градоначалник од редовите на опозицијата се соочуваат со можност во иднина да бидат недоволно буџетски финансирани,блокирани или неподржани во локалните проекти од страна на Владата.

Ова се т.н. “болести на транзицијата“ кои мораме да ги совладаме на патот кон развитокот на вистинската демократија во нашиот општествен систем.Останува да се надеваме дека ке отпочнат вистински процеси на суштински промени кои во иднина ке преминат од декларативни заложби кон практични примени.

Дејан јакимовски

Дипломиран Политиколог

Слични содржини