Мајами ги запре Сиксерс, Вејд како во старите-добри времиња

од Vladimir Zorba

Двејн Вејд потсети на неговите најдобри денови, а тоа значеше само едно – проблеми за Филаделфија.

Ветеранот нанижа 28 поени за да го изведе Мајами до победа над Сиксерс со 113:103 и изедначување 1-1 победи во серија. Следните два дуели ќе бидат во Флорида.

„Тоа едноставно е во мојата ДНК. Ги сакам овие натпревари и оваа сцена“, изјави 36-годишниот бек, кој нанижа 11 од 17 удари од игра, а неговиот тим ја сопре серијата на Сиксерс од 17 последователни победи. Тој ги постигна првите 7 удари, за да го стигне Лери Бирд и да излезе 10-ти на листата на најдобрите реализатори во плеј-офот, откако веќе има 3.910 поени.

Домаќините повторно беа без Џоел Ембид и иако поведоаа со 29:22 по првиот дел, во вториот ситуацијата се промени, бидејќи Вејд се истакна сп 15 поени, а неговиот тим го освои периодот со 34:13, за да се поведе со 56:42 на одморот.

Во последниот дел разликата падна до 96:98, кога сепак повторно Двејн ја направи разликата, откако украде топка од Дарио Шариќ и заби. Следеа уште два коша за гостите на Џејмс Џонсон и Горан Драгиќ пред Вејд конечно да реши сѐ, шутирајќи од средна далечина за 106:98, на 48 секунди пред крајот.

Горан Драгиќ помогна со 20 поени, а Џејмс Џонсон додаде 18 за победниците. За Филаделфија Бен Симонс забележа 24, а Дарио Шариќ 23, но овој пат шутот оддалеку не им одеше, откако погодија само 7 удари од 36 обиди.

Резултати од НБА:

Филаделфија 76-ерс – Мајами Хит 103: 113
Голден Стејт Вориорс – Сан Антонио Спарс 116: 101.

Слични содржини