Мајкл Фалон ја обвинува Русија за жртвите во Сирија

од Vladimir Zorba

Британскиот министер за одбрана Мајкл Фалон ја обвини денеска Русија за жртвите во Сирија, тврдејќи дека Москва е „одговорна поради поддршката што му ја дава на Башар ал Асад“.

Во авторски текст во неделникот „Сандеј Тајмс“ министерот Фалон пишува дека најновото злосторство на сириската Влада, со употребата на хемиско оружје се случува во руско присуство.

– Во изминатите две години, Русија имаше бројни можности да ја запре граѓанската војна во Сирија, истакнува Фалон кој инсистира дека во идната сириска влада не може да има место за Асад.

Според мислењето на британскиот министер, заминувањето на Асад од власт е неопходно за да се обезбеди стабилност во регионот.

Фалон го обвинува Дамаск за нападот со хемиско оружје нарекувајќи го „варварски и неморален чин“ и ја одобрува и пофалува американската интервенција врз сирискиот воен аеродром Шајрант, како „вистинска и исправна“ реакција.

Претставник на британските лабуристи, меѓутоа, изјави дека претседателот на САД Доналд Трамп немал одобрување од ОН, за ракетниот напад врз сириската територија.

Другите две опозициски партии – Шкотската национална партија (СНП) и Либералдемократската ја обвинија британската влада дека со својата брза подршка на нападот само ја покажуваат својата „вазалска“ улога кон САД.

Ваквите обвинувања кон Владата на Тереза Меј се упатуваат и поради одлуката на Форин Офисот и на министерот Борис Џонсон, во последен момент, да ја откажат утрешната посета на Москва.

Причината за откажувањето, што требаше да биде прва посета на Русија по пет години, британската страна ја објаснува со „руската одговорност“ за она што се случи и што се случува во Сирија.

Во Лондон претходно беше потврдено дека откажувањето дошло по консултациите што биле направени со Американците.

Британската опозиција смета дека таквото решение е погрешно, особено што државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, сепак, ќе престојува во Москва, следната недела, по министерскиот состанок на групата Г-7 во Италија и покрај најновите случувања во Сирија./а1on

Слични содржини