Македонија ја издаде шестата еврообврзница

од desk4

Република Македонија на меѓународниот пазар на капитал денес издаде еврообврзница на износ од 500 милиони евра со рок на достасување од 7 години и каматна стапка од 2,75 отсто, информираат од министерството за финансии.

– Ова е историски убедливо најниска каматна стапка постигната за која било од македонските еврообврзници како одраз на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал. За споредба, каматните стапки на претходно издадените пет еврообврзници се движат меѓу 3,975 отсто и 9,875 проценти, наведуваат од Министерството за финансии.

Како што пишува во соопштението, побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница беше во износ од над 3,5 милијарди евра, односно над 7 пати повисока од понудата, што претставува еден од најцврстите можни докази на довербата на инвеститорите во стабилноста на Македонија и во исклучително позитивните перспективи на македонската економија. Високата побарувачка овозможи да се постигне каматна стапка од 2,75% на годишно ниво, односно стапка на принос од 3 отсто.

Како што е предвидено со Буџетот за 2018 година, приливите од евро-обврзницата ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, односно за непречено редовно извршување на сите буџетски расходи, како и за отплата на претходните долгови, вклучително и првата рата на PBG-кредитот од 2013 година во износ од 95 милиони евра која доспева на крајот на јануари. Притоа, паралелно со издавањето на евро-обврзницата, Македонија за првпат изврши и делумен предвремен откуп на постоечка евро-обврзница.

– Извршен е предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година која достасува во декември 2020 и чија што каматна стапка на издавање од 4,875 отсто е значително повисока од каматна стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75 отсто. Покрај каматните заштеди, со предвремениот откуп се намалува долгот кој достасува во 2020 година, односно значително се намалува ризикот од рефинансирање, велат од министерството за финансии.

Во текот на утрешниот ден предвидена е прес-конференција на Министерот за финансии Драган Тевдовски по повод издавањето на еврообврзницата.

Слични содржини