Република Македонија може теоретски да стане земја каде што ќе се концентрираат најголем број на бегалци и емигранти, доколку земјите-членки на Европската унија се одлучат да почнат да ги враќаат истите во Србија, а нашиот северен сосед го искористи договорот за реадмисија и истите ги врати во Македонија.

мигран грве

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Европската комисија денеска потврди дека е можен и законски ваков развој на настаните, со тоа што Македонија би станала последна точка, бидејќи поради судска пресуда на Европскиот суд за човекови права за тоа дека грчката држава дава нефер третман на бегалци, нашата земја потоа не би можела да ги препрати бегалците од Сририја, Либија и другите земји на Грција.

– За односите со азилантите што доаѓаат од трети земји, тоа е регулирано со договор за реадмисија, како што земјите-членки на Унијата го имаат со Србија (н.з. но истото важи и за другите земји од Западен Балкан). Тоа содржи клаузула за националности од трети земји што транзитираат и дозволува реадмисија на луѓето што транзитирале и да се вратат кај земјите од каде транзитирале, потврди денеска портпаролката на Еврокомисијата, Наташа Берто.

Иако, од Еврокомисијата потенцираат дека според правилата од Даблин за постапување со азиланти, тие треба да се регистрираат во првата земја на доаѓање, што на европско тло е Грција, земја-членка на Европската унија, но и земја што е дел од Шенген-зоната. Сепак, ако се случи да почне Унгарија поради договорот за реадмисија да ги враќа бегалците кон Србија, а српската држава поради ист таков договор тоа да го продолжи кон Македонија, во тој случај, нашата држава би станала концентрациски центар за бегалците, бидејќи не би можела истите да ги врати кон Грција од банална причина.

Имено, како што висок извор од Европската комисија што инсистира на анонимност потврди за МИА, ниту една земја нема право и не смее да враќа бегалци, емигранти и баратели на азил во Грција поради одлука на Европскиот суд за човекови права од пред четири години за индивидуален случај. Се работи за азилант-Авганистанец што во 2008 година, Белгија се одлучила да го врати во земјата од каде што пристигнал, а тоа е во Грција, бидејќи тоа било прва земја-членка на ЕУ каде пристигнал од “трета земја”. Откако Белгијците го вратиле, посочениот азилант бил нехумано третиран во Хеленската Република, по што тој тужел пред Европскито суд за човекови права и го добил спорот. Со оглед на тоа што Грција, но и сите земји членки на Унијата, вклучително и Македонија и останатите од Балканот се и членки на Советот на Европа, кој, пак е основач на Европскиот суд за човекови права, сите мора да ја почитуваат и да се придржуваат кон оваа пресуда.

Со оглед на сето ова, Грција и од Европската унија се смета за земја што има нехуман однос кон азилантите и затоа не е дозволено враќање на бегалци и баратели на азил во оваа држава, што значи и покрај договор за реадмисија меѓу Македонија и Грција, во најлош случај да почне Србија да ги враќа сегашните емигранти и бегалци во Македонија, нашата држава не ќе може формално да ги врати во Грција.

Со цел, пак, олеснување на ЕУ-земјите во однос на барателите на азил од Македонија и другите земји од Западен Балкан, што е случај измнатите шест години по воведувањето на безвизен режим, Еврокомисија подготви листа на “безбедни земји по потекло” за сите земји-членки на Унијата, што наскоро треба да ја усвои Европскиот совет и да важи на ниво на цела Европска унија. На оваа листа е и Македонија, но листата на последниот Самит на Советот не доби согласност, па иако во среда шефовите на државите и Владите на ЕУ-земјите ќе заседаваат на неформален Самит за бегалците, сепак, таа нема да се усвојува за два дена.

– Листата беше дискутирана на последниот Совет и за тоа имаше прогрес, но, сепак, за истата ќе се дискутира повторно дури на следниот нормален Совет на ЕУ, закажан за 8 и 9 октомври – потенцира портпаролката на ЕК, Берто./MИА

Слични содржини