Македонија очекува безусловна препорака од ЕК

од desk4

   Европската Комисија денеска се очекува да препорача безусловен старт на преговорите за Македонија. Ова се наведува во нацрт извештајот за Македонија, до кој дојде МИА. Сепак, извори во Брисел предупредуваат дека формулацијата, може да биде променета во последен момент.

– Во светло на постигнатиот напредок, ЕК препорачува преговорите за членство да започнат со Поранешната југословенска Република Македонија. Одлучувачки ќе биде задржувањето и продлабочувањето на сегашниот реформски чекор за итните реформски приоритети. Со цел да го поддржи ова, ЕК би го применувала засилениот пристап за преговарачките поглавја во областа на судството, фундаменталните права и правдата, слободата и безбедноста во земјата, стои во делот на извештајот на ЕК што се однесува на нашата земја.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, ЕК пишува дека Македонија во голем дел ја надмина длабоката политичка криза. Потребните структурни реформи се бавен процес за што ќе бидат потребни години и штетата направена во последните години нема да биде поправена преку ноќ.

ЕК ја поздравува работата на земјата за справување со итните реформски приоритети преку “искрена желба за реформи и објективна проценка на состојбите, проследено со подготовка за стратегиите и законодавство на кои одамна се чека и консултации со сите актери вклучително и опозицијата на инклузивен и транспарентен начин“.

– И покрај тешкотиите поради отсуството на главната опозициска партија од декември до крајот на јануари, главните стратегии и закони беа усвоени на крајот на декември/февруари и многу други се во подготовка.

ЕК во извештајот додава дека уште поважно е што политичката волја да се напредува е повторно јасно присутна.

– Позитивна промена во политичкиот менталитет се забележува во целото општество, чие отсуство беше најголема пречка во последните години, пишува ЕК за Македонија.

Извори во ЕК за МИА предупредуваат дека еврокомесарите треба уште еднаш да се сретнат пред да се финализира извештајот, денеска околу еден часот во Стразбур, и дека дотогаш се уште се можни неколку промени во формулациите.

Премиерот Зоран Заев во пресрет на објавувањето на извештајот на Евроспката комисија и доаѓањето во Скопје на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан, вчера изјави дека е факт оти сработивме и дека Македонија заслужува кристално чиста препорака од Брисел.

– Важни ми се зборовите во таа препорака, затоа што тоа за нас е или охрабрување или обесхрабрување. Тоа е важно и за граѓаните и за сите вклучени во реформските процеси. После оваа препорака Македонија продолжува со реформите. И навистина ако биде потврдено тоа што е сработено, очекуваме да добиеме кристално чиста препорака. Верувам дека заслужено ќе ја добиеме и тоа ќе биде дополнителна мотивација да продолжиме понатаму со реформите, изјави Заев по завршувањето на денешното судско рочиште за „Поткуп“

Во пресрет на објавувањето на Извештајот на ЕК во изјава за МИА Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас Цивилис – Скопје (ИДСЦС) и Андреја Стојковски претседател на Евротинк-Центарот за европски стратегии исто така изјавија дека очекуваат Македонија да добие безусловна препорака за почеток на преговорите.

– Сметам дека земјата ќе биде силно охрабрена и поддржана за динамичните реформски заложби, со пофалба за враќање на политичкиот дијалог во Собранието и проактивниот однос во подобрување на соседските односи. Сепак во делот на внатрешнореформски план ќе се нотира одреден прогрес во реформите на судството, јавната адмнистрација и  безбедносниот сектор, критиката ќе биде насочена кон некомплетно спроведување на овие реформи особено во првите две области. Ќе се повика на бескомпромисна борба против корупцијата, интегритет на судството, професионализација на јавната администрација т.е генерално фокусот ќе биде на владеење на правото, рече Трошановски.

Стојковски, исто така, оценува дека во моментов нема никаква сериозна политичка пречка за да има услов на препораката или да нема препорака. За него, тоа е евидентно според тоа како коментираат од ЕК и државите членки дека постои напредок во државава од 1 јуни наваму, практично од изборот на новата Влада, а бидејќи Извештајот опфаќа период од ноември 2016 до април 2018-та, очекува дека документот ќе прави дистинкција меѓу периодот заклучно со 31 мај минатата година и изборот на новата Владата и од 1 јуни лани до денес, односно функционирањето на новата Влада.

ЕК денеска попладне се очекува да ги презентира извештаите за напредокот на земјите аспиранти за членство во ЕУ. Вообичаено, по презентацијата шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Самуел Жбогар треба да одржи прес-конференција.

Слични содржини