Македонски студенти се пласираа во полуфиналето на натпреварот за симулирани судења пред Европскиот суд за човекови права

од Vladimir Zorba

Македонските студенти од тимот “Јустинијана Прима“ од Скопје на „ЕЛСА Република Македонија“, по успешен пласман во полуфиналето, го освоија четвртото место на регионалниот натпревар во симулирани судења пред Европскиот суд за човекови права “Regional Moot Court Competition in Human Rights“ кој се одржа во Тирана годинава.

Годинешните учесници во тимот на натпреварот се студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје: Иван Дургутов, Бојан Трпевски и Тамара Велковска, како правни застапници на апликантот и Никола Мурџев, Фанче Димоска и Фросина Спасевска, како правни застапници на државата. Академските тренери на тимот, пак, кои ги обучуваа студентите за Европската Конвенција за човекови права и ги водеа подготовките за натпреварот, се Светлана Ќосева и Фросина Антоновска.

Македонскиот тим успешно се пласираше во полуфиналето и забележа победи во двете сесии во полуфиналето, но со бодовната разлика во својата група, не успеа да се пласира во финалето и го освои високото четврто место на натпреварот.

11-тото издание на натпреварот годинава се одржа од 17 до 19 март во Тирана, Албанија. MOOT COURT Клубот на Европското здружение на студентите по право на Република Македонија  традиционално го избира тимот и ги спроведува подготовките за натпреварот кој е конципиран според претходно спроведениот нордиски модел на земјите од „Нордиската Унија“ и во себе вклучува тимови од правни факултети од земјите на Југоисточна Европа – Македонија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија и Албанија.
Во рамки на натпреварот студентите заземаат улога на правни застапници на странка пред Европскиот суд за човекови права.
Натпреварувањето се одвива во два дела, изготвување на писмени поднесоци за хипотетичкиот случај и нивна одбрана на усна расправа пред судски панел во кој учествуваат актуелни и бивши судии на Европскиот суд за човекови права, Претседатели и судии на Врховните и Уставните судови од регионот.

 

Слични содржини