Предложените измени на прагот за алармирање при екстремно загадување на воздухот, по чие достигнување треба да стапат во сила итните мерки кои во најбрз можен рок ќе го намалат нивото, беше главната точка на првиот состанок меѓу Министерот и претставници од Министерството за животна средина со претставници од 15 граѓански здруженија и неформални иницијативи. И Министерството и граѓанските еко-здруженија ги објаснија и аргументираа своите стојалишта врз основа на кои во моментов се на спротивни страни.

Ситуацијата е и повеќе од алармантна, па предлагањето на Уредбата за квалитет на воздух од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) претставува вистинска нужност. Светската здравствена организација препорачува нивото на максималнозагадување  да не надмине просечни 20 µg/m3 на годишно ниво. За потсетување, во Скопје имаше измерено и часовна вредност од 1.200 µg/m3! Истото, ако не и полошо, се случува во Битола, Тетово и Куманово и Кичево. Проценката на СЗО е дека токму загадениоот воздух е причина за смртта на повеќе од 2800 наши сограѓани, а според Европската агенција за жвотна средина таа бројка е поголема од 3360 лица.

„Министерството изрази отвореност за предлозите од граѓанскиот еко-сектор, сè со цел да се најде заедничко, најсоодветно решение за константната опасност која секојдневно ги демне жителите на Македонија. Со оглед на алармантноста на ситуацијата, очекуваме од претставниците на Министерството во најкус временски рок да го стават нашиот предлог на разгледување и дискусија. Како граѓани кои секојдневно се справуваат со екстремно загадениот воздух во поголемите градови како што се Скопје, Битола, Тетово, Куманово, Кичево и кои често ги гледаат последиците по здравјето и животот врз децата како најчувствителна категорија, но и врз возрасните, остануваме на ставот дека прагот на алармирање мора да биде согласно со препораките на СЗО, ЕЕА и по европските примери!“ – изјавија од О2 Коалицијата за чист воздух.

Водејќи се од овие принципи и имајќи го предвид фактот дека не постои безбедно ниво за опасните PM10 и PM2.5 честици, предлогот на граѓанските еко-здруженија е прагот на алармирање за PM10 да биде поставен при достигнување на дневна вредност од над 70 µg/m3, два дена по ред, без оглед  дали станува збор за викенд или работен ден и без дополнителни услови. Итните мерки кои треба да го редуцираат функционирањето на индустријата, градежните активности, фосилните согорувања, сообраќајот и сл., да стапат во сила веднаш наредниот ден и да траат сè додека нивото на PM10 честици не биде под дозволеното, до 50 µg/m3 дневно на сите мерни станици.

„Мора радикални мерки за радикални проблеми. ЕЛЕМ има голем профит и мора под итно да го модернизира процесот за производство на електрична енергија“ – нагласи Арианит Џафери од „Еко-герила“ Тетово.

Од Министерството образложија дека предлогот за праг на алармирање од 70 µg/m3 предложен од граѓанските организации би значел Македонија цела зима да биде во вонредна состојба. „Земјата не смее да се оневозможи да функционира. Загадувањето е интерсекторско прашање“ – рече министерот Амети.

И кој е тогаш излезот од сево ова? Што презема нашата влада? Освен што не прогласува мораториум на уништувањето урбано зеленило, мораториум на нови градби и не се насочува кон итно преземање краткорочни и долгорочни заштитни мерки против загадувањето, владата веќе со години ја хендикепира и работата на МЖСПП.

Имено, Министерството не располага ни со доволно човечки ни со доволно финансиски ресурси за да може да ги спроведува потребните мерки. При распределбата на државниот буџет секогаш останува на последно место, што значи дека владата на РМ здравјето на граѓаните го става на последно место. Правото на чиста животна средина е право кое ни е загарантирано со Устав! Ние, граѓаните, мора да се избориме за своите права!

„Децата ни умираат од загадениот воздух. Замислете го ужасот кога се оди на погреб на детенце кое починало од карцином“ – вели Душан Груески, од “За нас се работи“ – Битола.

О2 Коалицијата за чист воздх и останатите 15 граѓански организации и неформални иницијативи ќе продолжат да работат со МЖСПП. Договорено е во текот на следната седмица граѓанските здруженија до МЖСПП да ги достават своите дополнителни коментари и аргументи во однос на Уредбата, а за кои претставниците на Министерството изјавија дека ќе бидат земени предвид.

Проблемот со загадениот воздух мора да се реши веднаш, бидејќи секоја секунда помината во одолговлекување е еднаква на секунда одземена од човечки живот!

На првичната средба учествуваа претставници на О2 Коалиција за чист воздух, Воздух сега, Ние сме Карпош 4, Стоп на загадувањето, Скопје смог аларм, Фронт 21/42, Еко свест, Спас за Водно, Куманово бара чист воздух, Скопје бара чист воздух, Охрид ЅОЅ, Прва детска амбасада „МЕЃАШИ“, Еколошкото здружение – Движење ЕКО ГЕРИЛА – Тетово, Здружението за развој и активно делување и поттикнување на граѓански сектор ЗА НАС СЕ РАБОТИ – Битола и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.

Слични содржини