Малку жени се сопственици на големи и на средни компании во Македонија

од Vladimir Zorba

Во 73 проценти  од македонските големи и средни компании сопствениците се мажи, а 67 проценти се генерални менаџери, додека жени менаџираат во 33 отсто од компаниите, а само 27 проценти се сопственички.

Ова го покажуваат резултатите од истражувањето за родова застапеност на раководни позиции во Македонија, кое Институтот за комуникациски студии во соработка со Институтот „Изида Вита“ од Словенија го реализираше од април до јуни оваа година.

„Клучните пречки зошто жените не се промовираат на највисоките раководни позиции се нивната несигурност во способноста да ја извршуваат таа функција, затоа што работат на социјално одговорни цели и не се фокусирани само на постигнување финансиски цели и тоа што тие се воспитуваат да се грижат за семејството, а не да бидат жени со успешна кариера“, се вели во истражувањето.

Жените испитанички одговориле дека се соочиле со ситуации кога работеле долго време за да завршат некој проект, а потоа маж ја презел заслугата за тоа (18,8 проценти), дека се соочиле со стереотипи дека жените управителки се непријатни и заповедливи (13,8 проценти) или дека кога конкурирале за повисока позиција, работата ја добил маж иако нивното искуство и вештини биле на исто или дури повисоко ниво од неговите (12,8 проценти).

Голем процент од испитаниците сметаат дека родово балансирано управување ќе има позитивно влијание врз работењето на компанијата.

Истражувањето било спроведено на примерок од 1.200 големи и средни компании во Македонија, а во него учествуваа 304 испитаници вработени во компаниите.

Слични содржини