Манчевски во Стразбур за реформите во администрацијата

од desk2

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, учествува на настанот во организација на Европскиот Комитет за демократско владеење, во рамки на Советот на Европа во Стразбур. Министерот Манчевски, со своето обраќање ја отвори првата сесија: „Промовирање на демократско владеење преку споделено искуство – реформи во администрацијата и локалната власт и реформата на ИКТ и јавната администрација“.

„Како резултат на политичката и демократската криза во државата, обновувањето на демократските процеси е главна заложба на нашата Влада. Сите наши заложби се во отворање на процесите за креирање на политики. Инклузивни и отворени процеси се наш статегиски приоритет, каде се слуша гласот на сите релевантни и засегнати страни. Тоа е случај и со креирањето на Стратегијата за реформа во јавната администрација, која е во правец на активностите кои државата ги презема на патот кон европската интеграција. Во овој процес се вклучени сите релевантни чинители, и не само затоа што ЕУ го бара тоа, туку затоа што е најдобриот пристап за нашите граѓани“, посочи министерот Манчевски, зборувајќи за предизвикот со кој се соочуваме во овој дел, ако се има во предвид партизацијата на јавната администрација од една страна и неинклузивните процеси за креирање на политики од друга.

„Владите во 21 век, се нешто сосема поразлично од тоа што претставувале век претходно. Процесот на владеење денес, го нарекувам Влада 2.0. Сакам да го користам овој технички термин, со оглед на мојата ИКТ позадина. Владите во минатото испорачуваа закони и го надгледуваа нивното имплементирање. Владите 2.0. имаат за задача да ги информираат граѓаните дека има определен проблем и да ги поканат заедно да дискутираат за надминување на проблемот, заедно да подготват решение. Во овие модерни времиња и со поддршка на ИКТ, ние лесно можеме да го постигнеме тоа. Интернетот не е оружје, и покрај таквите квалификации особено откако се соочуваме со проблемот на лажните вести. Интернетот е алатка, која може да се користи во правец на обезбедување на директна демократија. Вклучување на што поголем број на луѓе, во борба со екстремизмот и лажните вести“, истакна Манчевски.

Министерот Манчевски ги презентираше и заложбите на МИОА за деполитизирана, ефикасна, ефективна и отчетна јавна администрација, која обезбедува квалитетни, лесно достапни и поефтини услуги за граѓаните и на бизнисите. Јавна администрација базирана на европските принципи и вредности, која придонесува за одржлив економски развој, владеење на правото, социјална кохезија и просперитет.

„Во изминатите неколку месеци, МИОА интензивно работи и на ИКТ реформи, со цел развој на интероперабилноста и Е-услуги. Исто така, работиме на развивање на неколку стратегии во оваа сфера, како што се: стратегија за широкопојасен интернет, стратегија за сајбер безбедност и стратегија за отворени податоци“, информираше Манчевски, потенцирајќи ја важноста од дигитализацијата на процесите и услугите во јавната администрација, како една од главните алатки за борба со корупцијата во администрацијата.

Слични содржини