Манојловски: Националната омраза е проблемот, не јазикот

од desk2

Во Собранието на Република Македонија денеска почна општиот претрес по Предлог законот за употреба на јазиците, во прво читање.


Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека со неуставен закон се излегува надвор од Охридскиот договор и се воведува двојазичност во целата држава и како што рекоа, почнува да се реализира Тиранската платформа.

Тоа, според парламентарното мнозинство, се лаги, политиканство и заплашувања од ВМРО- ДПМНЕ во пресрет на локалните избори. Законот, наведоа, воопшто не значи двојазичност во целата држава, туку унапредување на правото на употреба на мајчиниот јазик на етничките заедници и не е загрозување на употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како службен јазик.

Пратеникот и координатор од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски рече дека 90 проценти од членовите на Предлог законот се неуставни, со него се излегува од Охридскиот рамковен договор, односно од членот 7 на Уставот на Република Македонија со кој се регулира прашањето за правото на заедниците во Македонија.
– Со предложениот закон се предвидува користење, употреба и примена на јазикот што го зборуват најмалку 20 проценти од граѓаните во сите институции, а не само во органите на државната власт. Значи во член еден став три спротивно на одредбите на Уставот примената на јазикот што го говорат најмалку 20 проценти од граѓаните се проширува и на јавните претпријатија, агенции, како и правни лица кои вршат јавни овластувања, рече Димовски, дополнувајќи дека Уставит не дозволува да се регулира употребата на јазикот во тие институции.

Според Димовски, законот се носи во очи на локалните избори како политичко барање и уцена од ДУИ над СДСМ со цел ДУИ како политичка партија да ги покрие своите афери, скандали и неоставерни ветувања кон албанското гласачко тело.

Во реплика на Димовски, Бранко Манојловски од ДУИ рече дека проблемот со јазикот мора да се реши заради тоа што, како што наведе, тоа е еден голем ураган кој кога тогаш ќе продре.

– Албанскиот народ сака албански јазик и тука нема дискусија ќе си го добијат. Проблемот и кај Албанците и кај Македонците е националната омраза, а не јазикот, рече Манојловски.

Петре Шилегов од СДСМ ги оквалификува како лага и политиканство тезите на опозицијата дека законот е противуставен, за дневно-политички поени. Секој кој смета дека определени законски решенија се спротивни на Уставот, како што рече, може да покрене постапка пред Уставен суд за оценување на уставноста. Не се точни, потенцираше, тврдењата со кои се заплашуваат луѓето во Централна и Источна Македонија дека ќе им се воведе двојазичност.

– Јазик не е појава што може да уништи држава, особено не унитарна како што е Македонија, која има иднина и стабилност само ако ги решиме внатрешните проблеми. Мора да изградиме концепт на кохзија во кој ќе се сплотат сите граѓани на нашата држа, а нерешавањето на тие проблем и немање концепт кој ќе донесе соединување на граѓаните без оглед на нивната политичка припадност е вистинската опасност за губење на државата, рече Шилегов.

Расправата за законот, која е на дневен ред на 15 собраниска седница, ќе продолжи во 15 часот по редовната пауза на пратениците.

Слични содржини