Маркус Цимерман, швајцарски експерт за управување со кризи и намалување на ризици од катастрофи

од desk4

  Швајцарскиот експерт за управување со кризи и намалување на ризици од катастрофи, универзитетскиот професор Маркус Цимерман, во следните четири години ќе биде дел од проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион“, што има за цел да и помогне на Македонија да изгради стратегија и изнајде најсоодветни мерки за справување со поплавите и ризиците од катастрофи.

Цимерман во рамки на проектот, што се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Швајцарскиот Секретаријат за економски прашања (SECO), ќе ги сподели искуствата на Швјцарија и успешноста на моделите што се применуваат на национално и светско ниво во рамки современите пристапи за намалување на ризикот од катастрофи.

Во интервју за МИА Цимерман, зборува за неговата вклученост во проектот, како и можностите за намалување на ризикот од поплави, градењето капацитети за спречување на поплави и споедлување на искуства во Швајцарија.

Зошто овој проект е важен за Полошкиот регион?

– Има повеќе причини. Изминатите години имаме повеќе поплави, особено во 2015 година, што предизвикаа големи материјални и економски загуби, но и човечки. Но, исто така, имаме и голем развој што не оди во корист на зголемување на отпороноста на регионот од поплави и намалување на ризикот од поплави. Ние заедно со УНДП и локалните власти сметаме дека е добро да се адресираат поплавите, катастрофите од поплавите и ризикот од поплави, на еден посеопфатен начин.

Како со проектот ќе се намали ризикот од поплави во Полошкиот регион?

– Во минатото, во текот на 20 век, човекот се трудеше да се бори против природата, а сега имаме промена на пристапот, каде повеќе работиме на намалување на ризиците и зголемување на отпорноста. Значи, ние се трудиме преку интегриран пристап, каде прво ќе разбереме кои се опасностите и изложеноста на непогоди, а потоа се трудиме со сеопфатен пристап кон намалување на овие ризици со различен сет на мерки. Ова не е само преку метод на „бетон“, односно мерки за стабилизирање на речни корита, брани и насипи, туку содржи и компонента на планирање, каде се трудиме преку мерки да превенираме и спречиме создавање на нови ризици, со соодветно планирање на градовите и селата, но и справувување со сливовите преку пошумување и менаџмент на вегетација, што има функција на забавување на водата и стабилизирање на сливовите. Значи имаме повеќе начини да придонесеме кон овој пристап, што секако се комплементарни едни на други и може да се комбинираат со поконвенционалните методи или пак да имаме цевковод што е по еколошки и се грижи за зачувување на растенијата и екосистемот, за менаџирање на поплавите.

Што се краткорочните и долгорочни мерки што овој проект ќе ги направи?

– Градењето свесност и капацитет на населението, од ученици до градската администација, има особено важна улога. Како да се набљудува природата, како да се користи системот за рано предупредување, што да се прави во случај на поплава или лизгање на земјиштото. Тоа се нешта што може да имаат силно влијание врз поединци и семејства. Тоа не е одлучено, но дефинитивно проектот ќе го адресира тоа преку кампањи, но и ќе работи на свесноста на градските власти за интегрирање на информациите за ризикот од поплави во градското планирање. На крај секако, би имало и некои инженерски проекти во одредени делови за изградба на некои мерки.

Како овој проект ги вклучува сите овие различни чинители во справувањето со поплави?

– Особено важен дел е да се разбере основата. Зошто имаме ризици и непогоди, зошто имаме чувствителни услови. Без тоа е невозможно да се планираат соодветни мерки. Потоа следи делот на менаџмент, кој секако е врз основа на овие знаења за ризиците. Идеата на проектот е да се адресираат овие ризици преку еден итегриран пристап и да се користи методи за планирање и пристап кои вклучува еколошка и човечка свест, што се темели на предвремени предупредувања за справување со овие ризици. На крајот ќе имаме сет од мерки што ќе бидат преземени во една или повеќе локации и имплементирани заедно со населението, општината и националните власти.

Што ќе споделите како позитивни искуства од Швајцарија или проекти на кои сте работеле?

– Да, работевме на урбано и полу-урбано планирање што го зајакна речното корито до некој степен, но исто така, користевме и отстапувања од сливот за вишокот вода над капацитетот на коридорот. Ова отстапување може да биде пат или јавна површина, каде свесно знаеме дека еднаш на пет или петнаесет години овој пат или парк ќе биде искористен како коридор за испуштање на вишокот вода. На тој начин прифаќаме штета на овој коридор, но тоа е ограничено и контролирано само на тој дел и не дозволуваме водата да оди на друго место.

Тоа е нешто што се користи во повеќе држави и тоа го нарекуваме урбан отпор. На пример зелени патеки, каде се развива градот и се користи како урбан парк или зеленило, а од друга страна би се користел како коридор за контролирано испуштање на вишокот вода при поплави. Во меѓувреме се користи како урбано зеленило за рекреација во градот. Таквиот начин на размислување, всушност, значи интегрирање на опасностите и информациите во градското планирање, што е нов начин. Секако, дека постојат веќе урбанизирани делови, каде е тешко да се најде начин да се користи отворен простор за ваков тип на активности.

Главена цел на било кој проект за намалување на опасноста од поплави треба да биде спречување и создавање на нови ризици. Значи ние би требало вистински да се трудиме да сфатиме дека преку несвесно урбанизирање на просторот создаваме нови ризици. Како на пример, генераторот за итни случаи на болницата во Тетово е непосредно до реката. Генераторот би требало да се користи за енергија во случај не недостог или прекин на струјата, што е најверојатно да биде кога има поголема бура. Така, коинциденцијата на поплава во реката и прекин во снабдувањето со струја е многу висока, а со тоа и користењето на оваа единица за време на криза, која би била прва што ќе биде поплавена.

Со други зборови, ако планираме генератор за итни случаи, а немаме друг простор каде да се постави би можеле да го качиме два или три метри висока платформа за да може да функционира. Тоа е нешто што во фаза на планирање во основа е евтино да се направи, доколку имаме добро информиран град за потенцијалните ризици. Тоа е една од функциите на проектот, да ги направиме сензитивни градските планери на овие работи.

Од ваше искуство, што е подобро, да се донесе закон или некоја агенција што би била задолжена за такво долгорочно планирање?

– Очигледно, еден од најуспешните пристапи е кога се создава потребната свесност. На пример, имате Оддел за планирање/урбанизам во Тетово и ако сите градски планери го имаат на ум ризикот од поплави или катастрофи, јас мислам дека тоа е најголема потпора. Секако, потоа може да развиете одредени постапки што треба да се исполнат од одредени проекти што се прават во области кои се под ризик од поплава. Не е забрането да се гради во области кои се под ризик од поплава, но тоа треба да биде направено на свесен начин за ризикот. Не би предлагал да се има нова структура или агенција, туку би одел со некој оддел во постоечката администрација.

Што е со поплавите, кои се нетипични за некои региони, кога има и човечки жртви. Чија е одговорноста на институциите или луѓето?

– Во основа е многу лесно. Непогодите се природни, катастрофите се човечки. Така да, нема природни катастрофи, туку сите катастрофи имаат силна човечка компонента. Без разлика дали тоа подразбира дека населението на тие локации има погрешно однесување или погрешен развој, што придонесува за зголемување на ризикот од поплави, што постепено води кон катастрофи. Има различни чинители и има различни улоги. Не може да кажеме дека е само функција на државата или општината или самите луѓе. Секако дека однесувањето на луѓето е една важна работа. На пример, луѓето кои ги загубија животите во поплавите во Шипковица, во основа е поради погрешно однесување за време на поплава. Така, едуцирањето, градењето на свесност и капацитети е насочено кон луѓето, но грижата за животната средина и намалување на неконтролираната сеча на шумите има нешто со населението, но и со локалните и национални власти. Јас верувам дека секој чинител има своја одговорност и треба да придонесе кон побезбедни услови.

Александар Атанасов    MIA

Слични содржини