Машко-женски дуел: Милошоски и Шеќеринска во битка за „петка“

од Vladimir Zorba

Поранешната вицепремиерка за евроинтеграции во чиј мандат Македонија доби кандидатски статус, наспроти бившиот шеф на дипломатијата: врвот што се борат да го осовојат не е Олимп, туку довербата на македонските граѓани.Нивните имиња гарантираат жесток дуел на 11-ти декември во Изборната единица 5. Антонио Милошоски (1976) игра за сините, Радмила Шеќеринска (1972) за црвените. Не е грешка. Сините (СДСМ) во оваа изборна кампања ја користат црвената боја, а ВМРО-ДПМНЕ – сината, пишуа Дојче веле.

glasanje

„Црвена е љубовта која сите ја чувствуваме кон нашава Македонија. Црвена е нашата сила за промени во Македонија, и црвената ќе го врати животот во Македонија“, ја објаснува симболиката Шекеринска, и го почнува одбројувањето на последните денови од режимот во Македонија.

Таа е еден од кадровските брендови, со личен печат во животот на партијата, и тогаш кога на СДСМ му одело добро, но и кога му одело прилично лошо. Ги поминала сите скалила – од партискиот подмладок до лидерска позиција ( 2006 – 2008). Опонентите ѝ ги броеја станбените квадрати и брендираните парчиња облека, прикажувајќи ја како „помодарка“ лажно загрижена за социо-економските состојби во земјата. Сепак, малкумина во парламентот можеа да ѝ парираат во начинот на кој го вивисекцираше популизмот и актуелните проблеми. Крупен резултат е врзан за периодот кога таа беше вицепремиерка за евроинтеграции (2002 – 2006): Македонија во 2005 година го доби статусот на земја кандидат за членство во Унијата. Денес кога земјата драматично е уназадена на тој пат, интеграциите не се омилена тема на нејзиниот политички опонент.

„Бегаат од вистината, како што се трудат да избегаат од одговорноста за сето зло што ѝ го сторија на Македонија. Бараат власт за да избегаат од затворските казни кои им висат над глава на секој од нив. Затоа, гласот за Груевски и за Милошоски е глас за крај на правната држава во Македонија. Знам дека многумина во Македонија изгубиле верба во зборовите, ама за нас зборовите се обврска. Тие ни носат валкан или чист образ“, порачува Шеќеринска низ општините во „петката“.

На дадениот збор сега ја потсетува Милошоски: „Радмила Шеќеринска во 2002 година ветуваше вработување во секое семејство, а наследивме огромна невработеност. Таа деновиве зборува за просечна плата од 30.000 денари, но да ве потсетам дека кога беше вицепремиер, просечната плата изнесуваше 11.000 денари“.

Не изостанува социјалдемократската реплика: „А колку беше јавниот долг во тој период? Расипничкото трошење на буџетски пари од страна на ВМРО-ДПМНЕ денес резултира со историски највисок јавен долг во висина од 4,7 милијарди евра. Ја донесоа економијата пред бездна, и ги заглавија идните генерации да ги враќаат долговите направени заради популизам“.

Од џуџето до Олимп

Милошоски засега вози слалом меѓу темите кои неговата партија сака да ги наметне, и оние кои сака да ги избегне. Тој е редок кадар останат од „старата гарнитура“, наспроти „нововерците“, како што ги нарекуваат сите „постљубчовски“ кадри со кои се опкружи Груевски. Милошоски мудро ги избегна некогашните расколи во партијата и успеа да остане во првата постава, со прецизно чувство кое однесување е конјуктурно во одреден момент. Но, тивкиот Милошоски честопати знаеше и да ја изненади јавноста, рефлектирајќи дифузна слика за себе. Од една страна сталожен, со дипломатски речник и неконфликтен, како што му прилега на министер за надворешни работи – функција што ја извршуваше во еден мандат. Од друга страна, самиот објави фотографии како на врвот на Олимп поставува знаме со сонцето од Вергина, произведувајќи материјал за реакции на јужниот сосед.

Правникот по образование и германски магистрант, денес ја турка мантрата на ДПМНЕ за „опасност од федерализација“ и загрозување на идентитетот на Македонците, со што ги враќа спомените на ваквите тези во неговите почетоци: студентските протести против употребата на албанскиот јазик на Педагошката академија во Скопје. Но, неговата одбрана на идентитетот е ставена под сомнеж уште пред неколку години, кога кодификаторот на македонскиот јазик, Блаже Конески, тој го наречe „џуџето од Небрегово“. Бегајќи од дебата на тој лизгав терен, Милошоски преминува кон евергрини: улогата на СДСМ во транзицијата, како и туѓи замешателства во скандалот со прислушувањето. Во неговата реторика нема правна разрешница за „бомбите“, ниту елиминирање на принципот на неказнивост за власта.

„Заев цело време не тормози, ни предизвикува тензии и не држи во заложништво, но јас би му порачал тој и Шеќеринска да се согласат на една политичка работа: тој што ќе победи да му подаде рака и да му честита на победникот, за да престанеме веќе да го малтретираме народот, а тоа е во интерес на целата држава“, порача кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Традиционално иселенички“

Изборниот исход како замена за правниот, е целосно спротивен на владеењето на правната држава, која сега е во длабока сенка на „вработувачката држава“.

„Програмата ‘Реално’, посебно со проектите рурални развојни зони и стимулација за рестартирање фабрики жртви на транзицијата ќе успееме да создадеме нови 70.000 работни места“, ветува Милошоски.

Клишето на рутинските средби низ општините, го разбива со повремени „емотивни разговори“. Еден од последните е со 100-годишна жителка од Крушево, а видеото Милошоски го објави на неговиот Фејсбук профил: „Мажот на крушевчанката Баба Сина лежел 4 години на Голи Оток. Таа дома, мајка на 5 деца. Сега има 100 години и од срце ги сака ВМРО и Македонија и гласа“.

Неговата опонентка по разговорите со граѓаните, ја пренесува тагата што нивните деца морале да заминат во странство поради невработеност.

„Младите заминуваат затоа што тука не гледаат шанса за пристоен живот. Овој проблем е приоритет за нашата партија. Ќе создадеме услови младите да останат во татковината, тука да работат, тука да создаваат семејства и тука да ги најдат шансите за успех“, ветува Шеќеринска.

Голем број од општините во „петката“ го носат епитетот „традиционално иселенички“, а во некои од тамошните села одамна е помината и црвената линија: бројката на оние кои заминале е поголема од бројката на оние кои останале, а ретки се оние што решиле да се вратат. И низ овие податоци гласачите ќе судат за политиките што довеле до одлив на социјалниот капитал на државата.

Слични содржини