Околу 50 луѓе учествувале во тепачка во прифатилиште за бегалци во градот Итзехо на северот на Германија, каде се повредени шест лица, соопшти денеска полицијата.
Инцидентот се случил во текот на вечерата кога бегалците, кои зборувале арапски јазик, навредиле група Курди.
Ситуацијата зоврела па педесетина луѓе почнале да фрлаат со столици и клупи едни кон други. Обезбедувањето се обидело да ги раздвои двете страни со употреба на бибер спреј и околу 50 полицајци со шест кучиња дошле како засилување.
Четири азиланти добиле повреди на главата, а полесно се повредени двајца од обезбедувањето.
Тепачката е последна во низата инциденти кои се повеќе растат како резултат на напнатоста меѓу бегалците поради пренатрупаноста на прифатните центри во Германија.