Борбата против тероризмот треба да се доведе до самиот крај, рече денеска рускиот премиер Дмитриј Медведев, цитиран од ТАСС.

– Ние, во извесна смисла, навистина се наоѓаме на самиот почеток од борбата со меѓународниот тероризам. Тоа, се разбира, е многу тешко за нашата земја, но оваа борба треба да се доведе до крај, затоа што во спротивен случај терористичките напади, како вчерашниот во Санкт Петербург, ќе станат почести, а не поретки, рече тој за време на посетата на фирмите во руската Тамбовска област.

Медведев изрази убеденост дека извршителите и нарачателите на атентатот во Санкт Петербург ќе бидат откриени, и покрај тоа што непосредниот негов извршител, доколку се суди според се досега истражено, загинал.

– Според информациите со кои располагаме, терористот загинал, но таквите кривични дела не ги подготвува само еден човек, подвлече рускиот премиер.

Тој ја потенцира неопходноста од дополнителни безбедносни мерки во сообраќајот и најмногу во метрото, кое од повеќе причини е особено загрозено место.

Медведев се задржа и на обвиненијата за корупцијата, кои му беа упатени на интернет, нарекувајќи ги „глупости“ и „политички мотивирани“.

Видеото на „ЈуТјуб“ што беше поставено од рускиот опозициски блогер Алексеј Навални и кое има над 14 милиони прегледи, рускиот премиер го обвинува дека тајно натрупал цел синџир од луксузни куќи и станови. Истрагата на Навални предизвика серија од улични протести во Русија во текот на последните неколку дена, забележуваат британските медиуми.

Според Медведев, целта на ваквите истраги, направени според принципот на „компот“, е да покажат дека „власта се држи лошо“, а неговите автори се „најдобрите од сите“. Овие истраги, зад кои стојат приватни спонзори, „имаат за цел постигнување сосема конкретен политички резултат“ – луѓето да ги извадат на улиците, подвлече тој.

Рускиот премиер зборуваше и за санкциите кои и се наметнати на Русија од западните земји, изјавувајќи дека тие очигледно нема да бидат наскоро симнати затоа што овие земји не се стремат кон подобрување на односите со Москва.

– Затоа и Русија нема да го укине своето контраембарго врз увозот на прехранбени производи од овие земји, подвлече Медведев./МИА

Слични содржини