Меѓународната заедница загрижена поради актуелната ситуација на Косово

од desk2

Амбасадорите на Франција, Германија, Италија, Велика Британија и САД се загрижени поради актуелната ситуација на Косово. Ставот на амбасадорите денеска го соопшти американската амбасада во Приштина.

 

„Косово се соочува со многу предизвици, како актуелни, така и долгорочни, вклучувајќи ја програмата со ММФ, енергетската ситуација, но исто така и потребата за економски развој, јакнење на владеењето на правото, европската перспектива и односите со Србија. Граѓаните на Косово заслужуваат парламент и влада која може да ги исполни овие предизвици“, стои во соопштението.

Во него се наведува дека одговорност на косовските лидери е да ги формираат овие институции на власта и да ги спроведат неопходните реформи за да нема блокади во иднина.

„Се надеваме дека косовските лидери, како во политиката, така и во граѓанското општеството, ќе го преземат водството во решавањето на ова прашање, вклучително и давањето на конкретни предлози. Првиот и важен принцип е избраните пратеници во парламентот на Косово да присуствуваат на седниците на парламентот и да овозможат да почне неговата работа“, се наведува во соопштението што го објави амбасадата на САД во Косово.

Слични содржини