Меркел ја отфрли идејата за квоти за електрични автомобили

од desk2

Германскиот канцелар Ангела Меркел го отфрли предлогот на социјалдемократите за воведување на квоти за електрични автомобили во Европа, соопшти Ројтерс. Според неа спроведувањето на таквите таргети би било премногу комплицирано.

Лидерот на социјалдемократите Мартин Шулц, кој е главниот противник на Меркел на изборите на 24 септември, во петокот повика за таква квота – и во Германија, и во ЕУ. Според него така индустријата ќе биде охрабрена да создава иновации.

„Не мислам дека квотите за електрични автомобили биле добро осмислени“, рече Меркел пред поддржувачите на Демохристијаните (ЦДУ) во Дортмунд.

„Тогаш во Европа ќе треба да преговараме со векови. Што ќе правиме ако квотата не се почитува? Нема да можат да се купуваат автомобили на гориво?“, истакна германскиот канцелар.

Меркел повика на поширока стратегија која ќе помогне на автомобилската индустрија да се направи транзицијата кон производство на електрични возила.

„Треба брзо да создаваме иновации. Каде компаниите не можат да се справат сами, владата мора да застане зад нив и паралелно да го стимулира развојот“, додава таа.

Автомобилската индустрија во Германија е најголем извозник и обезбедува околу 800 илјади работни места. Политичарите стравуваат дека автопроизводителите не успеваат да инвестираат доволно во нови технологии и инфраструктура и вознемиреноста се акумулира од избувнувањето на скандалот со штетните емисии во Volkswagen.

Слични содржини