Меркел планира да управува со Германија и во текот на следните четири години

од Vladimir Zorba

   Германската канцеларка Ангела Меркел има намери да продолжи да управува со Германија како канцелар и во текот на следните четири години,  изјави во интервју за телевизијата „А-Ер-Де“, што ќе биде објавено денеска. 

– Никој не може да знае што ќе ни донесе животот, но јас со сигурност планирам да продолжам уште четири години, нагласи Меркел.

Германската канцеларка во интервјуто зборуваше за повеќе теми: бегалската криза, инвестициите, како и за односите меѓу Турција и НАТО.

И покрај притисоците од баварската партнерска партија Христијан-социјалната унија (ЦСУ), Меркел, како лидер на Христијан -демократската унија (ЦДУ) го отфрли ограничувањето на бројот на бегалци кои ќе бидат примени во земјата.

– За прашањето на горната граница. мојата позиција е јасна: Нема да го прифатам тоа, изјави Меркел, истакнувајќи дека бројот на бегалци може да биде намален преку контроли и дејствија за спречување на ситуации што ги принудуваат луѓето да бегаат од една земја во друга.

Таа, за спорот со Анкара во врска со посетата на пратениците од Бундестагот во воената база на НАТО во Турција, наведе дека со сигурност е непријатен и оти Берлин ќе работи со НАТО за негово решавање.

Анкара ја блокираше посетата, што беше планирана за утре, на германските војници кои управуваат со разузнавачките авиони „АВАКС“ во воздухопловната база на НАТО во Конија.

Одложувањето беше побарано поради тензиите во германско-турските односи.

Германија почна да ги повлекува своите војници од турската воздухопловна база во Инџирлик, откако Турција забрани посета на германски делегации во базата.

– Германските пратеници имаат право да го посетуваат нашите војници во странство. Ако таквите посети се забрануваат, тогаш Германија ќе го искористи правото да го повлече војниците, потенцираше Меркел./МИА

Слични содржини